Стотина учесници излегоа на трите трки кои вчера се одржаа во Вашингтон, Њујорк и Ен Арбор во близината на Детроит, во чест на Денот на независноста на Македонија. Македонци од овие три града, Американци и рекреативци од разни земји – пријатели на Македонија, се собраа на трки со хуманитарен карактер организирани од хуманитарната волонтерска група „Ајвар“, Обединетата македонска
дијаспора и Македонско-американската студентска асоцијација од Универзитетот на Мичиген.
– Јас сум презадоволна, немам што друго да кажам, фантастична дружба, фантастични луѓе, фантастичен ден – изјави Бети Арсовска од организацијата Ајвар, кои по вторпат учествуваат во организацијата на трката во чест на Денот на независноста.
Минатата година се трчаше само во Вашингтон, додека за догодина покрај трите воспоставени локации се планирани трки во Чикаго, Торонто и еден град во Австралија.
Пол Лаблинес, кој патеката во паркот Блумонт ја истрча за 18 минути, победи на трката во Вашингтон.
– Ја поддржувам македонската дијаспора и мислам дека беше одлична трка за одлична кауза, изјави Лаблинес.
Во Њујорк, Лени Моксли беше најбрз со време од 15 минути, следен од Сузана Котевски и Зоран Лазаревски. Фонзи Мекдоналд, и Владимир и Михаил Огненовски се тројцата најбрзи во трката во Ен Арбор.
На трката во Вашингтон учествуваа и голем број деца, а сите учесници добија награда – тегла ајвар од компанијата „Еурофудс“.
Жикица Паговски, регионален претставник на Обединетата македонска дијаспора за Вашингтон, изјави дека парите собрани од донациите и од таксата за учество за секој од натпреварувачите, како и минатата година, ќе бидат употребени за набавка на помош за децата без родители во Македонија, пред се за домот за деца „11 Октомври“ во Скопје.
– Децата во овој дом имаат потреба од мебел и разна друга помош и парите ќе бидат употребени за нивните потреби. Минатата година парите од трката беа наменети за домот „11 Октомври“, оваа година се надеваме дел од средствата ќе отидат и на други места каде што има потреба, изјави Паговски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.