| четврток, 6 декември 2018 |

Таинствената моќ на чудотворната икона

„Бигорски“ со својата моќ зрачи мир и надеж и надвор од границите на верата. Надвор од реалното, видливото и рационално спознајното. Овој чудесно мистичен храм без многу врева, тивко и повторно чудесно, речиси секојдневно на едно место собира православни христијани, муслимани, католици, атеисти, протестанти. Сите тие, обични луѓе, во потрага по надеж и по личен мир, кои со години ги обединуваат маките и, како што самите велат, чудотворната сила на иконата на свети Јован Крстител

И по неколку несреќи, уривања, спалувања и пожари, манастирскиот комплекс „Свети Јован Крстител“ со векови мистично му пркоси на времето. И секојпат, одново и одново се раѓа. По секоја несреќа, со зачудувачка леснотија си го наоѓа патот до бигорската тврдина со која царуваат спокој и мир.

На два километра од селото Ростуше, високо над левиот брег на тиркизната Радика, спроти живописните села Требиште и Велебрдо, во единаесеттиот век за првпат се родил манастирот, меѓу народот попознат како „Бигорски“. Лепеза од чудесни приказни, искуства, искушенија, мистични и необјасниви случувања и легенди низ вековите нечујно се врежувале во ѕидините на вонвременското здание, како што православните верници милуваат да го наречат манастирскиот комплекс. За илјадници такви многумина чуле, а сигурно ги има уште толку тајни и заклучени длабоко во времето.

Божја вистина, свето предание, легенда или обична приказна, за многумина воопшто и не е важно. „Бигорски“ со својата моќ зрачи мир и надеж и надвор од границите на верата. Надвор од реалното, видливото и рационално спознајното. Овој чудесно мистичен храм без многу врева, тивко и повторно чудесно, речиси секојдневно на едно место собира православни христијани, муслимани, католици, атеисти, протестанти. Сите тие, обични луѓе во потрага по надеж и по личен мир, кои со години ги обединуваат маките и, како што самите велат, чудотворната сила на иконата на свети Јован Крстител.

Приказната за иконата на крстителот на синот Божји нè води стотици години наназад во времето кога за првпат бил изграден манастирот. Според преданието, монахот Јован, ктитор на „Бигорски“, ја забележал како лебди над изворот со вода на чиешто место денес се наоѓаат три чешми под црквата.

Иконата подоцна необјасниво се појавила на местото на кое бил изграден манастирот. Во шеснаесеттиот век, османлиите на чело сo султанот Селим Втори го запалиле православниот храм, а иконата исчезнала така како што и се појавила, мистериозно. Преданието натаму вели дека уште помистериозно се појавила на старото место и дека цели 35 години незаштитена му пркосела на забот на времето. Дури во 1885 година била обложена со сребрен оклоп. На неа, Јован Крстител е претставен како светец-трирачник. Се верува дека има чудотворна моќ и дека третата рака на светецот благословува и им помага на родителите што не можат да добијат деца.

И токму тоа е „Јован Бигорски“ според многу легенди и преданија. Последна надеж и одговор на искрени молитви. Спас и чудо, но и предупредување и казна за тие што не се добронамерни кон светото место. За многумина, дел од верувањата и начин на живот. За многумина последен обид за спас од маките и од нерешливите проблеми.

Точно е дека најголемиот дел од луѓето што доаѓаат во манастирот се молат за пород, но многу од нив доаѓаат и со други проблеми и болести, кои се навидум нерешливи. Од тоа што ни го раскажувале постарите, иконата им помогнала на многумина. Чудесно и без објаснување. И вистина, мирот што ќе го почуствувале при поклонение пред свети Јован не се опишува со зборови и ги надминува сите знајни димензии – раскажуваат локалните жители од селата раскошно распослани од Галичник до Река.

Jovan-Bigorski-3Науката вообичаено избегнува да ја објасни енергијата што зрачи од иконата на свети Јован Крстител. Покрај тоа што научниците не сакаат да влезат во објаснување на процеси и на настани што луѓето ги доживуваат со векови и да си забележат со верниците, за голем дел од искуствата што ги имале луѓето што се помолиле таму, нема научно објаснување. Еден од многуте примери што, можеби, психолозите би го објасниле со моќта на автосугестија се однесува на семејство Македонци што се родени и живеат во САД. Откако по долги години не успеале да добијат пород и речиси се откажале од натамошни медицински третмани, нивни пријател во Македонија пред три години ги однел да го посетат манастирот, при што молитва им одржал еден од тамошните свештеници. По враќањето во САД брачната двојка продолжила со лекување  и по една година се родил нивниот принц. Се разбира, би било премногу едноставно да се тврди дека целата заслуга за раѓањето на малото весело момче се должи на една молитва и на неколку запалени свеќи. Но, со голема сигурност може да се каже дека контактот со вонвременската енергија на иконата, која ја доживеале нашинците, им дало огромна енергија да продолжат со напорите да добијат наследници. „Има нешто многу силно во таа просторија“ – вели нашинецот, кој пред неколку дена по двенеделен одмор во земјава замина за Америка со својот син.

Легендата натаму вели дека милостивата и чудотворна помош на иконата ја почуствувал и некој албански бег кого свети Јован во видение го упатил до светата земја високо над бистрата и студена Радика. Бегот од голема благодарност за оздравеното чедо, на манастирот му подарил цел имот со маслинови дрвја.

Сјаен ѓердан од приказни е исплетен во тајните одаи на „Бигорски“ во срцето на небесно убавата Бистра. Меѓу многуте и таа за семејство Македонци муслимани од селото Косоврасти, кои добиле близнаци по прочитана молитва пред чудотворната икона, како и за голем број семејства од цела Македонија и пошироко, кои на еден или на друг начин пронашле спас, мир или барем волја за борба со предизвиците и со искушенијата по смирувачка и хармонична средба со благодатната икона.

За богатата ризница од слични приказни говорат и многуте дарови пред иконата, како што се сребрените медалјони во облик на бебе, сведоштво за бездетни родители благодарни на помошта од светецот.

Православните христијани веруваат дека иконата на свети Јован Крстител носи благодат во себе. Сила што ја чува од погибел и не дозволува со векови да биде уништена. Сила што ја сочува и од последниот немил настан во 2009 година. Пожарот што пеплоса три и пол илјади квадратни метри, а од кој иконите останаа недопрени иако било планирано да бидат изложени во женската трпезарија, која беше целосно опожарена. Сила што сведочи за живиот дух на манастирот изграден од бигор. На расадникот на мир и на скокотливо пријатна тишина зачинета со горостасно бучниот тек на силната Радика, жуборот на манастирските чешми и мелодијата од природната хармонија компонирана од таинствената Бистра.

Ниту тие што се далеку од Божјата приказна и тие што негуваат поинакви верувања не ја одминуваат оваа мистична станица на животниот пат. И велат, секој од нас во себе носи некој свој Бог на кој потајно му се моли. Но, во надежта. И во маките. Сите сме толку просто еднакви.

Токму како и во „Бигорски“.

Jovan-Bigorski-4

Иконостасот на тајфата на Гарката, прочуен надалеку

Манастирскиот комплекс „Свети Јован Бигорски“, посветен на крстителот на синот Божји Исус Христос, е изграден и осветен во 1020 година од страна на монахот Јован. Го сочинуваат манастирска црква, костурница, која е сместена до неа, сејменска одбранбена кула, комплекс манастирски и гостински конаци.

„Бигорски“, покрај по чудотворната икона на свети Јован Крстител, е надалеку познат по иконостасот, кој цели шест години е правен од прочуениот мајстор од село Гари, Петре Филипов Гарката и од неговата тајфа, брат му Марко, Макариј Фрчкоски од Галичник и Аврам Дичов со синовите од родот Филиповци од селото Осој. Иконостасот е поделен во шест хоризонтални појаси, составен е од правоаголни полиња украсени со орнаменти од флора и од фауна, со фигура на орел со раширени крилја, ангели, гроздови, гранки од винова лоза и слично. Над нив се наоѓаат два реда икони со апостолски мотиви, а во централниот дел се наоѓа голем крст на кој е претставено Христовото распетие со фигури на змеј од чиишто усти се креваат иконите на свети Јован и на света Богородица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top