| четврток, 6 декември 2018 |

Гостиварски професори: Невзат Бејта е како Башар ал Асад

nagi dzelili

Наместо професорите и учениците успешно да си ја продолжат работата почната во претходните учебни години, се случи тешка незаконска, противчовечка и непедагошка интервенција од страна на нелегитимната општинска власт во секторот образование, обвини денеска пратеникот Наџи Џелили и советничката група на НДП од Гостивар, кои одржаa прес-конференција во присуство на работниците кои неодамна добија откази.
– Оваа антидемократска општинска власт без ниту еден аргумент отстрани повеќе од 90 професори од основните и средните училишта во општина Гостивар, што заедно со 55 отстранети професори во април 2013 година го надминува бројот од 140 професори диференцирани и отстранети од работа само за неколку месеци поради идеолошки побуди. Посебноста на овој грозоморен политички болшевички-сталинистички реваншизам на гостиварскиот Асад алијас Невзат Бејта, е фактот дека во процесот на диференцијација и отстранување од работа не се почитува ниту еден законски, етички, социјален, човечки критериум и работно искуство – рече Џелили.
Тој смета дека отстранувањата од работа на професорите и вработените во ЈПК и од општинската администрација е направено со „сталинистички мобинг, невиден и непознат преседан во јавниот сектор во Македонија“.
– Во рамките на оваа невидена кампања за да им наштетат на политичките противници на незаконски начин иако тие имале легални договори до 31.12.2013 за јавниот транспорт за ученици им се прекина договорот на 70 транспортери (комбисти) со што е ставен под знак прашање транспортот на учениците бидејќи незаконски објавениот тендер завршува на 30.09.2013 – додава Џелили.
Тој истакнува дека посебноста на оваа болшевистичко-сталинистичка антинационална политика е што сите оштетени лица се исклучиво од албанска националност.
– Во ситуација кога ниту една институција обврзана со Устав и закон не ја врши функцијата за заштита на социјалните права на нелегално отстранетите од работа, треба објективно да се констатира дека поодмаздољубива и антинационална политичка власт немало и не ќе нема во албанскиот политички простор – рече Џелили, кој додаде дека жалбите на разрешените директори од училиштата се прифатени од второстепените органи, а општинска власт не ги почитува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top