Од денеска до 15 септември во Франција македонската култура ќе биде претставена во Марсеј, градот кој заедно со Кошице оваа година го носи епитетот европска престолнина на културата за 2013 година, и во Ница каде што ќе се одржат 7. Франкофонски игри.
Во музејот „Куќа на занаетчиството и уметничките занаети“ во Марсеј министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вечерва свечено ќе ја отвори изложбата на традиционални носии и накит од Македонија на НУ Музеј на Македонија. Изложбата, која веќе беше успешно претставена и во Брисел, ќе биде извонредна можност за граѓаните и за посетителите да се запознаат со македонското богатство на рачно изработени македонски носии со богат колорит и везени декорации кои ги отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи. Отворањето на изложбата ќе биде збогатено и со настапот на Зоран Маџиров, кој ќе се претстави со своето музицирање на стаклени шишиња.
Република Македонија и нејзините уметници ќе бидат дел и од 7. Франкофонски игри што ќе се одржат од 7 до 15 септември во Ница. На оваа најмасовна спортска и културна манифестација во светот по Олимписките игри, нашата земја ќе биде присутна по четврти пат. На Франкофонските игри, меѓу претставници на 70 земји од светот, ќе нѐ претставуваат уметниците: Ѓорѓе Јовановиќ (фотографија), Горан Менков (сликарство), Ана Ивановска (скулптура-инсталација), Индиго-квартет и Искра Шукарова (танци), студиото „Брејк а лег“ (хип-хоп) и групата „Д-Џон“ (музика).
Активностите што ќе се реализираат во Марсеј и во Ница се уште една потврда за одличната соработка меѓу Република Македонија и Република Франција во областа на културата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


