Стотина некогашни скопски панкери, од речиси сите генерации, се собраа во петокот на „повратничка средба“ во моторџискиот клуб „Лоун најтс“ (Lone Nights), под паролата „No politics, yes beer”, да се видат, да се пребројат, да разменат муабет кој е каде денес, кој што работи, кој што музика слуша и што од панкот останало во градот до денес.
– Дојдоа убави луѓе со кои сме делеле праубави моменти. Се пушташе Oi, панк, хардкор и по некоја метал ствар, како респект кон клубот, нели, моторџиски. Дојдоа отприлика 70 докај 100 луѓе, од сите генерации панкери по Скопје — од почетоците на „Коцка“, до нејзиното уништување, како симбол на градот. Ваков собир не се случил во последните 10 или повеќе години — вели Владимир Груев – Панки, организаторот на журката, еден од скопските панкери од средната генерација.
Пријатно изненадување меѓу присутните било присуството на некогашните „брендови“ на скопското панк-движење како Божо, Слаткарот, Перса, но и на луѓе од паралелните, побратимски движења — металци, рокабили.
Дружењето, како што читаме на социјалните мрежи, поттикнало убави муабети, расположеност за нови средби и идеи како некогашните панкери би можеле да придонесат за збогатување на духот на градот денес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


