Градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити остро се спротивставува на идејата за дислоцирање на Центарот за наркозависници од Кисела Вода во Чаир. Според него, вакви центри треба да има во сите 10 скопски општини и тие треба да се отворат во исто време за сите зависници од соодветната општина да можат во нив да ја примаат терапијата, известува Алсат-М.
– Во ниеден момент и на ниеден начин нема да прифатиме Чаир да биде пилот-општина и во ниеден момент нема да прифатиме во Чаир да се третираат и граѓаните кои се зависни од наркотици од останатите општини. Значи, ставот е дециден и категоричен дека може да прифатиме само компромис 10 општини да формираат 10 центри. Ниеден друг начин и ниедна друга форма не се прифатливи – вели Меџити.
Тој појаснува дека наместо сегашната идеја Чаир да биде пилот-центар заедно со Бутел и Шуто Оризари, единствено исправно би било да се отворат сите 10 центри во Скопје одеднаш.
– Упатувам јасна порака до надлежните кои се ангажирани во реализацијата на овој проект во рамките на Министерството за здравство и до самиот министер за здравство дека ние може да прифатиме, овој проект да започне во 10-те општини на градот Скопје одеднаш и секоја општина да ги третира своите граѓани кои се зависни од наркотици – вели Меџити, нагласувајќи дека за својот став го информирал и министерот за здравство Никола Тодоров.
Според податоците на Институтот за здравствена заштита, во Македонија има над 10 илјади наркозависници. Соодветна терапија добиваат во центарот во Кисела Вода и во Струмица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.