| четврток, 6 декември 2018 |

САД се решија: Лидерите на американскиот Конгрес ја поддржаа резолуцијата на Обама за Сирија

john bojner us congres

По средбата со претседателот Барак Обама, спикерот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, републиканецот Џон Бојнер, изјави дека тој ќе го поддржи барањето на Белата куќа да добие дозвола за напад врз Сирија.

– На употребата на хемиско оружје мора да се одговори, а само САД го имаат капацитетот потребен да се запре Асад. Верувам дека и моите колеги ќе да го поддржат претседателскиот повик за акција, изјави Бојнер, по денешната средба со Обама во Белата куќа.

Обама доби поддршка и од шефовите на пратеничките групи на републиканците во Претставничкиот дом и во Сенатот, Ерик Кентор и Мич Мекконел.

Ненси Пелоси, која ги предводи демократите во Претставничкиот дом, изјави дека претседателот не морал да бара согласност од Конгресот, но дека штом го сторил тоа, убедена е дека конгресмените ќе гласаат позитивно.

Сепак, ваквите ставови на лидерите не се гаранција дека конгресмените ќе ја поддржат Предлог-резолуцијата за напад врз Сирија, особено во Претставничкиот дом каде републиканците имаат мнозинство, но се поделени на повеќе групи, додека и кај Демократската партија има конгресмени што се против учество на САД во војна во Сирија.

По денешната и утрешната расправа за барањето на Обама во Конгресот, се очекува гласањето да се одржи следната недела, кога сите конгресмени ќе се вратат од одмор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top