| четврток, 6 декември 2018 |

Мелничарите бараат да се преиспита одлуката за укинување на условен увоз на пченица

pcenica

Да се преиспита одлуката за укинување на заштитната мерка за условен увоз на пченица и брашно и таа да остане на сила како што беше првично предвидено до 31 декември, бараат мелничарите.

На денешната седница во Стопанската комора, преработувачите, како што соопштија, одлучиле доколку заштитната мерка биде укината, државата да го субвенционира откупот на домашната пченица над 11 денари за килограм.

– Доколку тоа не се случи, како последна мерка која тие не ја посакуваат, мелничарите упатуваат повик до производителите да ја подигнат пченицата предадена на домашните преработувачи затоа што истата не може да биде платена во законски предвидениот рок и склучените договори, а домашните мелничари да не ја изгубат дозволата за откуп како услов за откупена, но и неплатена пченица, се вели во соопштението од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Мелничарите се задоволни од делот на мерката за пченица бидејќи според информациите од ресорното Министерство откупени се 95 проценти од домашното лебно жито. Домашните преработувачи се надеваат дека ќе можат во наредниот период да набават пченица од соседството по сеуште примамливи цени, а воедно апелираат и да се ослободи квотата од СТО од 80.000 тони пченица за увоз.

Мерката за условен увоз на пченица и брашно беше воведена на 1 јули годинава со цел да се заштити домашното производство и требаше да важи до 31 декември доколку претходно не се создадат услови за нејзино укинување.

Владата одлучи да го укине условениот увоз на пченица по оценката дека пазарот е стабилизиран и дека се надминати сите предизвици кои може да предизвикаат евентуални нарушувања. До крајот на првата половина од месецов, се очекува да биде укината и мерката за условен увоз на брашно зашто и во овој сегмент пазарот е стабилизиран.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top