Владата ги поедностави условите за добивање кредити за самовработување и кредити за мали и микро претпријатија за отворање нови работни места. Сега им се овозможува на сите невработени да можат да аплицираат за кредит, дури и ако се пријавиле во евиденцијата за невработени само еден ден пред објавувањето на јавниот оглас. За фирмите кои бараат кредит за отворање нови работни места доволно е да имаат само еден вработен, а не најмалку двајца како досега. Доволно е лицето кое фирмата планира да го вработи да било во евиденцијата на Агенцијата за вработување само еден ден претходно, информираа ресорното Министерство и од Агенцијата за вработување.
Невработените вака ќе може да добијат кредит за самовработување од 3.000 евра, а ако отворат вкупно три вработување, до 9.000 евра. Малите фирми, пак, може да добијат по 3.000 евра за секое новоотворено работно место, или вкупно 17.000 евра за пет нови работни места.
Рокот за враќање на кредитот е три години со вклучен грејс-период од една година, за кредит до 9.000 евра, односно пет години со вклучен грејс-период од една година за кредит над 9.000 евра. Каматна стапка за овој вид кредити изнесува 1 отсто на годишно ниво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


