Швајцарија, Холандија и нордиските земји во најголем обем ги користат средствата за финансисрање на истражувачките програми во ЕУ, јави МИА од Гетеборг.
Од седмата рамковна програма на ЕУ, која изнесува вкупно 70 милијарди евра, од 2007 година до крајот на годинава, најмногу пари, пресметано во евра по глава на жител, добила Швајцарија (197), Исланд (172), Данска (144), Холандија (143), Шведска (136), Финска (128) и Норвешка (113).
На самото дно на листата на земји-членки и кандидатки за членство во ЕУ, корисници на средствата за европски истражувачки програми, е Турција, со само 2 евра по глава на жител, а веднаш до неа се Македонија и Романија со по 5 евра и Србија со 7 евра.
Во регионот на Балканот најмногу полза од истражувачките програми на ЕУ има Грција со 72 евра по глава на жител, Словенија со 67, Хрватска со 16 и Бугарија со 11 евра. Нема актуелни податоци за Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и за Косово.
За разлика од европските фондови за поддршка, на пример, на земјоделството, апликанти од сите земји-членки и со кандидатски статус конкурираат за средства од истражувачките програми врз рамноправни услови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


