Додека до пред неколку години сѐ што беше потребно за училишниот процес беше на товар на родителите, сега бесплатните учебници ги преполовија трошоците. Сепак, почетокот на учебната година ѕирка во портмонето на родителите, кои по три месеци летен распуст повторно се актуелни. Секако, сѐ зависи и од моќта и од желбата на родителот за исполнување на желбите, вели Џезми Ајрулај, татко на двајца ученици.
– Но, сега е полесно, децата си ги добиваат учебниците без пари, па останува да се докупат работни тетратки и некои други дребулии, па и некој мерак да се исполни. Не се брзам, па за децата месечно двојам по најмногу 1.000 денари, но образованието ни е приоритет – вели Ајрулај.
– Во принцип, чекам да почне годината, па како и до сега, ние родителите да добиеме список за сѐ што е потребно – вели Симона Јовановска, чијашто ќерка е седмо одделение. Тој список мене ме чини меѓу 1.000 до 1.500 денари. Сѐ што е напишано – тетратки, моливчиња, боички, блокчиња, може да се најде по многу различни цени, па, на пример, тетратка може да чини од 8 до 80 денари. Со овој список, сигурно, е покриено првото тромесечје, а потоа полека се обновува.
Ценовник за бесплатното
Бидејќи ресорното министерство ги покрива трошоците за учебници, од таму ни пратија и приближен ценовник колку, всушност, чинат книгите. Односно, колку е септември олеснет во однос на почетокот на училишната година од пред неколку години.
– Цената на учебниците зависи од бројот на предмети што ги имаат учениците или, во однос на средното образование, од тоа дали станува збор за гимназија или за стручно училиште. Така еден комплет учебници за прво одделение чини околу 1.500 денари, за второ и за трето околу 2.000 денари. Комплет учебници за учениците од четврто до осмо одделение чини од 2.500 до 5.000 денари. За прва и за втора година гимназиско образование комплет учебници е од 5.000 до 6.000 денари, за трета и за четврта година околу 7.000 денари. За средните стручни училишта комплет учебници чини околу 8.000 денари – ни одговорија од МОН.

КОМПЛЕТИ ЗА УЧЕНИЦИ
– На времето подготвувавме пакети со учебници, а тие чинеа најмалку три илјади денари, а потоа се купуваат и другите потребни работи – тетратки, моливи, пенкала, блокови и разни боички – се потсетува Стојна Стојанова, вработена во една приватна книжарница во близина на основно училиште во центарот на Скопје. Вели дека сѐ уште е рано и дека нема навалица, тоа се случува во првата недела на септември.
– Откако учебниците се бесплатни, трошоците се преполовени. Сега родителите доаѓаат со список за материјали, кој, велат, ќе им бил доволен за цела година, но докупуваат. Тука се разни блокови, моливи, пенкала, гуми, шестари, пакетот за техничко образование, но, секако, и чантичките за моливи, потоа разноразните додатоци – шарени гумички и моливчиња за девојчињата, или ученички ранци со омилен лик или боја – додава Стојанова.
Таквиот основен комплет според списокот на учениците во оваа продавница би чинел околу 2.000 денари за еден ученик. Најмногу се двои за предметот ликовно, треба водени боички, темперни, посебна туба бела боја, специфични четкички, хартија во боја… Во двете илјади денари не се вброени „естетските“ додатоци, чантичката за моливи или торбите. Само ранците чинат од илјада денари, па нагоре.
Секако дека овој комплет може да чини и многу помалку. Доколку не се задоволуваат некогаш и неразбирливите желби на децата, но, да бидеме реални, некогаш тие „естетски зафати“ се повеќе за мерак на родителите. Така, некогаш дополнителниот пакет може да чини повеќе и од поранешниот пакет заедно со учебниците. На пазар или во некои поголеми маркети може сами да спакувате многу поевтини комплети. Во екот на летото, на пример, се продаваа тетратки и за помалку од 10 денари. Истиот вонсезонски попуст важеше и за дел од пакетот за ликовно образование.

Училишната торба не е плакар
Училишните чанти или ранци мора да ги задоволуваат медицински препишаните стандарди. Иако некогаш се чини дека „за тие пари ќе се купат три од пазар, па и да се скине нека менува“, мора да се почитуваат препораките за здравјето на детскиот ’рбетниот столб, кој се развива. Затоа и се попрепорачливи ранци што се носат на грбот, а не преку едно рамо. При изборот на ранец внимавајте рачките да бидат приспособливи, обложени и дебели најмалку пет сантиметри. Препорачливо е да има и појас за половината. Материјалот од кој е изработен да е лесен, со што ранецот сам по себе нема да претставува тежина. Убаво би било ранецот да има и помошни тркалца за влечење. Во тој однос, се препорачува тежината на училишната чанта да не надминува 10 проценти од тежината на ученикот. Секако, неретко торбата е претешка и за родителите, кои им ги носат дури до училница. Но, ранецот не е плакар, туку е за само неопходните работи, па често заедно со ученикот празнете го од непотребната тежина.
ШТО Е, А ШТО НЕ Е ЗАДОЛЖИТЕЛНО
Двајцата родители од почетокот на прикаската кога се спомена септември и почетокот на училиштето, го „отворија“ и пакетот за потребите што се надвор од основните, Јовановска надополни дека за обезбедувањето на училиштето за едно полугодие плаќа од 250 до 300 денари, потоа дека двои и за униформа.
-А секој родител сака во училиште детето да го испрати во нова облека, барем со нови патичиња.
Џезми Ајрулај околу тоа жали што во училиштето каде учат неговите деца нема униформи.
– За жал, ги нема, а според мене би требало да ги има. Да не се разбереме погрешно, не дека јас имам повеќе пари, јас сум и невработен, чепкам по некој денар од овде-онде. Со униформите, напротив, нема да е до толку видлива класната разлика меѓу моите деца и тие на поимотните родители. Е сега некои што носат „ајфон“, тоа е сосема друго – се смее Ајрулај.
Дали учениците ќе носат униформи или не решава Советот на родители во секое училиште. Бидејќи МОН не ги обврзува да воведат задолжително носење униформи, нема ниту определено ограничување за тоа колку би чинеле.
Како друг трошок што одвреме-навреме „завлегуваат“ во џебот на родителите се и екскурзиите. Според правилникот за екскурзии, учениците може да одат на екскурзии и излетите може да се организираат најмногу двапати годишно и во траење од еден до три дена. Но, за тоа треба согласност од најмалку 30 проценти од родителите за нивните деца да одат на излет. Наставата во природа за учениците од четврто одделение трае од три до седум дена, а за да одат учениците, потребно е согласност од половина од родителите на децата во одделението.
Со почетокот на учебната година сите училишта доставуваат програма за излети и за екскурзии до Бирото за развој на образованието и до општината. Излетите и екскурзиите ги плаќаат родителите. Што се однесува до средношколските посети на музеи, театарски претстави, опера, балет, влезниците се бесплатни и за учениците и за училишниот персонал што ги придружува.
Работните тетратки се непотребни
Во списоците со кои родителите купуваат не би требало да се најдат и работните тетратки. Нема законска одредба со која на учениците им се налага да купат работни тетратки. Сите учебници кои им се потребен на децата за непречено одвивање на наставата ги обезбедува МОН.
– Основното и средното образование се задолжителни и бесплатни, затоа не треба да се купуваат работни тетратки. Што се однесува до обичните тетратки, не е стандардизирано по кој предмет колку тетратки треба да се користат. Тоа зависи од самиот наставник и од начинот на кој го организира часот – велат од МОН.
Секако, родителите велат дека си ги купуваат работните тетратки за децата да вежбаат, доколку наставниците го побараат тоа од нив и не им паѓа тешко да ги дадат тие пари за подобро образование на децата, но и за подобар „соживот“ со наставниците.
Пишува: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Пиеле вода помешана со фекалии, три дена распуст за учениците во „Димитар Миладинов“
-
Најлон наместо покрив на училиште поради политички препукувања меѓу општина Гостивар и МОН
-
Ова е играта „фрлање низ прозорец“ (видео)
-
Каква е температурта на морето во најпопуларните места за летување на Македонците


