Владата на Косово бара завршување на мисијата Еулекс, пишува Дојче Веле. Набљудувачите се сомневаат дека институциите на Косово можат да се борат сами против корупцијата и криминалот и да се занимаваат со истрага на воени злосторства.
Мисијата Еулекс на Косово е најголемата мисија на Европската Унија. Нејзина цел е поддршка и надгледување на почитувањето на принципите на правна држава на Косово. Во фокусот на работата на Еулекс се истрага на воени злосторства, корупцијата и организираниот криминал, како и надгледување и советување на правосудните, полициските и царинските институции на Косово.
Од февруари 2013 година со мисијата раководи германскиот дипломат Бернд Борхарт. Таа е финансиски поддржана од земјите членки на ЕУ, како и од САД, Норвешка, Турција, Швајцарија и Канада. Годишниот буџет на мисијата, која опфаќа 2.250 странски и косовски соработници, изнесува 111 милиони евра.
Портпаролот на Еулекс Блерим Красниќи вели дека е јасно оти мисијата еден ден ќе го напушти Косово. „Но, ние не сакаме да оставиме зад себе слаби институции, кои ќе бидат и натаму под влијание на политиката и нема да можат да се борат против корупцијата и организираниот криминал“, нагласува Красниќи. Целта на ЕУ е Косово да може да стои на сопствени нозе, а тоа е тесно поврзано со функционирањето на правната држава, додава тој.
Критика на сметка на Еулекс
Во текот на изминатите години на Косово често имаше критика на сметка на работата на мисијата на ЕУ за недоволна ефикасност, расфрлање со пари и наводна едностраност кон одредени ентитети. Србија го обвинува Еулекс за поддршка на стремежите за независност на Косово, но со работењето на Еулекс се незадоволни и институциите на Косово.
Косовскиот парламент на крајот на јули донесе резолуција и ја задолжи владата да подготви план за завршување на мисијата на Еулекс. Повод беше апсењето на петмина команданти на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК) од страна на Еулекс во мај годинава. Уапсените се обвинети за воени злосторства во текот на косовската војна. Меѓу уапсените се и Сулејман Селими, поранешен командант на ОВК и се‘ уште официјален амбасадор на Косово во Албанија, како и Сами Луштаку, градоначалник на градот Скендерај (Србица), на северот на Косово, и политички сојузник на косовскиот премиер Хашим Тачи.
Резолуцијата ја иницираше Куртан Кајтази, пратеник од Демократската партија на Косово (ПДК). Тој во парламентот зборуваше за обид на Еулекс „да ја извалка борбата на Косовците за слобода“. Според него, воените злосторства на Косово „ги извршиле српските сили, а не ОВК“.
Планот на косовската влада за исфрлање на мисијата на ЕУ треба да биде готова до почетокот на септември и треба да му биде поднесена на парламентот на гласање. Дритон Лајки, советник на косовскиот министер за правда, за Дојче веле изјави дека документот е веќе готов. Сега парламентот мора да одлучи.
„Иако Еулекс го редуцираше присуството на Косово уште во јуни 2012 година, натамошно модифицирање на улогата на мисијата на ЕУ е неопходно“, вели Лајки. Предлогот на Владата предвидува пренос на компетенциите на Еулекс на косовските институции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



