| четврток, 6 декември 2018 |

„Виенер цајтунг“: Скандалот со корупција ја загрози веродостојноста на ЕУ на Балканот

Скандалот за корупцијата на ЕУЛЕКС ја загрозува веродостојноста на Европската унија (ЕУ) на западен Балкан, оценува виенскиот дневник Wiener Zeitung.

Главниот уредник на овој весник, Рајнхард Гевајл во авторски коментар укажува дека актуелната афера има потенцијал да ја дискредитира ЕУ на Балканот. Тој наведува дека е потребно трајно решение на косовското прашање за Србија да стане дел од ЕУ, а ова ќе биде одлучувачко и за амбициите на Албанија.

-Доколку ЕУЛЕКС доживее неуспех, тоа би било жесток удар за Балканот. Иако во наредните пет години нема да има проширување на ЕУ, како што соопшти претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, останува потребата за поддршка на земјите од регионот, стои во текстот на Wiener Zeitung, додавајќи дека нити бриселските институции, нити ЕУЛЕКС не ја исполнуваат својата одговорност, доколку овој скандал за корупцијата биде ставен под тепих.

Авторот исто така запрашува како комесарот на ЕУ за соседска политика, Јоханес Хан може да побара борба против корупцијата на Балканот, доколку Брисел гледа на страна.

Според австрискиот весник, шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц би требало да делува што поскоро, бидејќи скандалот треба да биде целосно расветлен, а мисијата на ЕУЛЕКС мора да биде поставена поефикасно, бидејќи по нејзиното петгодишно делување, на Косово од функционирањето на правна држава може да се види многу малку.

Wiener Zeitung потсетува дека ЕУЛЕКС е најголемата мисија на ЕУ, која брои 1.600 службеници и годишни чини околу 90 милиони евра, со цел на Косово да воспостави правна држава по стандардите на ЕУ.

-Во расветлувањето на скандалот веќе се видоа огромни слабости. Критиката на ревизорите на ЕУ, според кои мисијата е прескапа и не ги постигна своите цели, нечујно исчезна. Европската комисија е задолжена за ЕУЛЕКС, а тоа важи и за Европскиот совет, но некаде помеѓу исчезна одговорноста во Брисел, заклучува весникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top