Во водите на Охридското езерото беа испуштени сто илјади парчиња подмладок пастрмка од годинaшниот мрест, девет месеци од оплодувањето на икрата и шест месеци старост, со просечна тежина од 2 и 2,5 грама и должина меѓу шест и осум милиметри.
– Станува збор за редовна активност, со кои државата е задолжена за порибување на рибиловните води врз основа на риболовната основа изготвена од надлежните институции. Во тој процес на порибување од 2006 година досега езерото е порибено со околу 14 милиони единки подмладок пастрмка за што се вложени средства во износ од околу 35 милиони денари, рече ресорниот министер Љупчо Димовски.
За годинава се предвидени приближно 2,1 милиони единки подмладок охридска пастрмка, активност што ќе биде заокружена до крајот на идниот месец. Во насока на поголема заштита на рибниот фонд, од оваа година за Охридското Езеро е избран концесионер, кој покрај правата има и соодветни обврски.
– Обврска на концесионерот е да се грижи за езерото, рибниот фонд, особено за бројноста и староста на рибата. Државата пак има обврска во соработка со овластените институции по пат на вештачки мрест да изврши порибување на македонската страна од езерото, појасни министерот Димовски.
Паралелно со активностите македонска страна, такви порибувања и стопираље на рибокрадството се вршат и од албанска страна.
Ристе Танасоски, сопственик на фирмата „Пастрмка 2012“ што стопанисува со Охридското Езеро, истакна дека од преземањето на концесијата со рибниот фонд рибокрадството на езерото на македонска страна е намалено за најмалку 90 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


