Во ова време на големи ѕвезди Френк Синатра се смета за најголемата од сите. Вистински гигант на филмскиот екран, најплатениот клупски изведувач, еден од пејачите со најмногу снимени албуми на сите времиња, и во класичната и во поп-музиката, седумкратен добитник на наградата на All Star Jazz Poll, која ја доделува Playboy, омилениот машки вокал и на публиката и на колегите-музичари. Исто така, тој е еден од најголемите бизнисмени-ѕвезди, со царство од 25 милиони долари, најпознатиот пријател на американскиот претседател, непобедлив носител на титулата најконтроверзната фигура на шоу-бизнисот, и конечно, на изненадување на многу негови фанови и критичари, филантроп, амбасадор на добрата волја. Playboy трагаше по вистинскиот Синатра, добриот, стариот или едноставно зрелиот.
Многумина се обиделе да ја објаснат таа ваша единствена способност, покрај суптилноста на стилот и вокалните способности, да ѝ ги пренесете чувствата и атмосферата на песните на публиката. Како ќе го дефинирате вие тоа?
Синатра: Мислам дека тоа е така поради тоа што успевам да ја вовлечам публиката во сето тоа, така што сѐ станува лично, зашто и јас самиот така се чувствувам. Тоа не е нешто што го правам смислено, едноставно не можам да одолеам. Ако песната е ода на изгубена љубов, јас добивам грч во стомакот. Ја чувствувам болката на таа изгубена љубов и ја страдам осаменоста, повреденоста, болката.
Зарем тоа не го прави секој друг добар пејач? Зарем постои толкава разлика?
Синатра: Не знам што чувствуваат другите додека го кажуваат текстот, но бидејќи сум манично депресивен и живеам живот полн со насилни, емотивни контрадикции, имам голем капацитет за тага, а и за среќа. Знам што сакал да каже тој што ја напишал песната. Јас сум го почувствувал тоа. Изгледа и публиката го чувствува тоа со мене. Не може да одолее. Сентименталноста, на крајот на краиштата, е емоција што ја познаваат сите човечки суштества.
За вас на оваа тема се напишани илјадници редови. Се сеќавате ли на некои што успеале точно да ве опишат?
Синатра: Поголемиот дел од тоа што е напишано за мене е едно големо маткање, но се сеќавам дека еднаш ме имаа опишано само со еден збор, а со тоа се согласувам. Тоа беше во текст во којшто ме расчеречија поради моето професионално однесување, но авторот имаше кажано дека кога ќе почне да свири музиката и кога ќе запеам, е тогаш сум искрен. Тоа е она што го чувствувам и јас. Што и да кажат друго за мене лично, не е ни важно. Кога пеам, јас верувам. Искрен сум. Ако сакаш да ја придобиеш публиката, постои само еден начин. Мораш да посегнеш по неа со потполна искреност и понизност. Нема тука некаков си сценски настап. Открив, а тоа можете да го видите и кај други сценски изведувачи, дека ако не ја допрете публиката, ништо не се случува. Можеш да бидеш најдобриот и најпрецизниот изведувач на светот, но ако си индиферентен, тоа е крај. Тоа важи за секој човечки однос, за политичарите на телевизија, за актерите во филмовите, за момче и девојка. Тоа е вистинито во животот исто колку и во уметноста.
Од ова што го кажавте излегува дека мораме да откриеме што ве движи како човек за да можеме да дојдеме до она што ве мотивира како пејач. Дали би било во ред ако се обидеме да го направиме тоа само со истражување на некои од уверувањата што ве движат и ви го обликуваат животот?
Синатра: Види, брат, ќе крстариме околу океан или ќе правиме брзо крукче околу пристаништето? Исто како и ти, мислам и чувствувам, се прашувам и знам некои работи, верувам во илјада работи и љубопитен сум за уште милион такви. Биди малку поконкретен.
Во ред, да почнеме со најосновното прашање што постои: дали сте религиозен човек? Верувате ли во Бога?
Синатра: Ух, да, тоа ти пали за почеток. Мислам дека можам да ги сумирам моите религиски убедувања во неколку параграфи. Прво, верувам во тебе и себе. Јас сум како Алберт Швајцер, Бертранд Расел и Алберт Ајнштајн, така што го почитувам животот, во која било форма. Верувам во природата, во морето, небото, сѐ што можам да видам и за што постојат вистински докази. Ако сето ова спаѓа под „Бог“, тогаш верувам во Бога. Но, не верувам во олицетворен Бог, кому му се обраќам за утеха или да внимава на мене па следното фрлање коцки. Јас сум безобѕирен кон очигледната човечка потреба за некој вид верба. Јас сум за сѐ, сѐ што може да ти помогне да ја истуркаш ноќта, било молитва, нешто за смирување или шише џек даниелс. Но, за мене религијата е длабоко лична работа, каде што Бог и човекот одат заедно, без гаталци што посредуваат. Гаталците се обидуваат да нѐ убедат дека мораме да го молиме Бога за помош, да му кажеме буква по буква што ни треба, па дури и да го подмитиме со молитва, па дури и со лов. Јас, пак, верувам дека Бог знае што му треба на секој од нас и што сакаме. Не е неопходно секоја недела да одиме во црква за да допреме до Него. Него можеш да Го најдеш секаде. И ако ти звучи ова како ерес, мојот извор е релативно добар: Евангелие по Матеј, Беседа на гората, 5-7 .
Не сте нашле никакви одговори во институционалната религија?
Синатра: Има работи во институционалната религија што ги презирам. Христос е познат како принц на мирот, но повеќе крв се има пролеано во негово име отколку во чие било во целата историја. Покажи ми дека направиле чекор напред и јас ќе ти ги покажам стотината што ги направиле назад. Запамети, Божји луѓе го уништиле научното богатство на Александрија, тие се извршителите на инквизицијата во Шпанија, тие ги палеле вештерките во Салем. Во светот има повеќе од 25.000 религии и следбениците мислат дека оние другите одат по погрешниот пат и дека најверојатно се и зли. Во Индија обожуваат бели крави, мајмуни, пливање во Ганг. Муслиманите го прифаќаат робувањето и се подготвуваат за Алах, кој ветува вино и девици. А гаталци не постојат само во Африка. Ако отвориш некој лосанџелешки или друг неделен весник, ќе видиш како локални жители страсно ги рекламираат своите производи, на пример одела со два пара панталони.
Зарем религиозноста не се сервира често како цивилизациско влијание?
Синатра: Се сеќаваш ли на пакосните погледи на бандата која во Литл Рок го линчуваше невиното дванаесетгодишно црно девојче што се обидуваше да се запише на училиште? Зарем не беа тие, барем поголемиот дел од нив, посветени и предадени на црквата? Ги презирам дволичните луѓе што глумат дека ја застапуваат слободата, а во своите зли, мали сфери се фанатични приврзаници на својата група (биготи). Не сум ѝ кажал на ќерка ми за кого да се омажи, но би ја убил да се омажи за бигот. Колку што можам јас да видам, човекот е производ на своите уверувања и на општествените текови што ги обележале неговите уверувања, вклучувајќи ги и расните предрасуди, на кои влијаеле материјалните работи – храна и други економски потрепштини, а потоа и стравот и стравопочитта и биготеријата, што ги наметнаа свештениците и комерцијалното суеверие. Сега, не сфаќајте ме погрешно, јас сум за пристојност и точка. Јас сум за сѐ што истакнува љубов и разбирање. Но, ако му се молите на божество што дозволува прељуба во среда, а прошка во недела, не сметајте на мене.
Но, зарем таквите духовни лицемери не се малцинство? Зарем повеќето Американци не се доследни на своите уверувања и на перцепцијата на религијата?
Синатра: Немам проблем со чесните луѓе, на ниту едно ниво. Но, не можам да верувам дека пристојноста доаѓа само од религијата. И не можам а да не се запрашам колку јавни личности се кријат зад велот на религијата за да го задржат привидот дека се чесни луѓе. Нашата цивилизација, таква каква што е, обликувана е од религијата, и луѓето кои се јавни личности во светот мораат да му се потчинуваат на Бога или ризикуваат веднаш да добијат титула обесчестени. Нашиот печат точно ја пренесува религиската слика на општеството, но забележуваш дека носи и реклами за астрологија. Ние, во Америка, се гордееме со слободата на нашиот печат, но секој ден ја гледам, а ја гледаш и ти, таа нечесност и тоа не само во таа област, туку и во и во известувањето, како на пример за луѓето како што сум јас, но и за вестите од светот. Ако печатот ги пренесува вестите од светот како што известува за мене, е тогаш веќе имаме голем проблем…
Сакате да кажете дека…
Синатра: Не, чекај, остави ме да завршам. Си размислил ли колкав ризик преземам што зборувам вака? Можеш ли да ја замислиш колкава поплава од превртливи писма, закани, клетви, и јавен срам ќе добијам кога ќе се објави ова интервју? Уште полошо, бојкот на моите плочи, филмови… Зошто? Затоа што сум си дозволил да кажам дека љубовта и почитта не се задолжително поврзани со религијата.
Ако сметате дека ги преминувате границите, ја навредувате својата публика или ризикувате со ова да се убиете економски, сакате ли да престанеме со интервјуто, да ја избришеме касетата и одново да почнеме со антисептични изјави?
Синатра: Не, ајде да пуштиме да се развива. Јас вака мислам со години и едвај чекав да го кажам. Кому сум му наштетил со ова што сум го кажал? Предложив ли некаква морална извитопереност? Не, не сакам да бидам сега кукавица. Ајде, брат, времето си минува.
Во ред, да преминеме на следната деликатна тема: разоружување. Што мислите вие, колкава е потребата за тоа и колкави се можностите тоа да се оствари?
Синатра: Па тоа како пита од јаболка и мајка, како можеш да бидеш против тоа? На крајот на краиштата, и покрај универзалната претпоставка дека двете сили, Русија и Америка, веќе натрупале толку многу нуклеарно оружје што имаат и повеќе од доволно за да се уништи целата планета, и двете продолжуваат да го градат, да го подобруваат и да го зголемуваат својот застрашувачки арсенал. Првпат во историјата човекот создал начин да го уништи целиот живот во еден миг. И, брат, никој тука не добива попуст, никој не може да се сокрие од ова. Но, прашањето не е дали е пожелно разоружувањето или дури дали е изводливо, туку, дури и да го направиме тоа, дали ќе ни биде подобро или полошо?
Сметате дека разоружувањето може да биде погубно за мирот?
Синатра: Да, во многу деликатна смисла. Види, јас сум реален човек, или барем мислам дека сум. Како што сметам дека религијата не функционира секогаш, така имам чувство и дека луѓето не би можеле да живеат без оружје. Ајде на момент да ги заборавиме сите проблеми со коишто би можеле да се соочиме на преминот од Студената војна во економски мир. Ајде да го погледнеме тој проблем од политички, социолошки и филозофски агол. Ајде да замислиме дека ОН можат да ја реализираат програмата, така што сите нации ќе бидат задоволни. Да си замислиме дека за неколку години веќе никој не поседува оружје. Но, воедно замислете ги и сите сомнежи што ќе нѐ јадат, кои ги уништуваат нервите, а кои неизбежно мора да се јават за да ја пополнат празнината. Стравот дека втората страна, или некоја трета сила, тајно се вооружува или чува неколку бомби во подрум, со кои ќе ги надвладее останатите. Верувам дека не е можно да дојде до нуклеарна војна. Мислам дека никој во светот не го сака тоа, дури ни Русите. Тие и ние и другите нуклеарни сили се соочуваме со неспорна сигурност за смртна одмазда за кој било нуклеарен напад. Мислам дека не постои доволно голем идиот во некоја нација што би можел прв да го притисне копчето, дури ни случајно.
Не предвидувате можност за светска војна исто како што не предвидувате успешно разоружување?
Синатра: Јас не сум индустријалец или економист. Знам само дека се надминувам дури и кога се обидувам да го разбирам процесот на преминување на една држава од состојба на војна во состојба на мир. Но, ако некако сите што се вмешани во производството на оружје за уништување би имале желба да ги прифатат причините и разумниот профит, верувам дека таа промена во психологијата би била можна. И доколку се случи тоа, верувам дека теророт, што е длабоко всаден во срцата на луѓето, осуден на константен третман за целосно уништување ќе исчезне. Резултатот би можело да биде попозитивен, помалку алчен, понесебичен пристап со многу повеќе љубов кон опстанокот. Толку можам да ти кажам од лично искуство и од тоа што сум забележал. Омразата не решава ништо. Само создава проблеми. Но, види, ти мене ме праша многу работи, па можам и јас тебе нешто. Пред некоја вечер му позирав на Мајк Романов. Знаеш, Мајк е сериозен мислител. Поминавме цела вечер заедно, игравме шах и дискутиравме на најразлични теми, а меѓу другото и за овие што сега ги дискутираме. Во секој случај, го прашав Мајк што би се случило кога би се свикал состанок на сите светски лидери, дури и на комунистичка Кина, во Обединетите нации. И да претпоставиме дека секој од нив ќе го поведе со себе и својот прв човек, Кенеди Роско, Хрушчов Громик, Мао Чоу. Сите фраери во една соба и тогаш – бум! Некој да ја дигне зградата во воздух. Нема веќе водачи. Нема веќе заменици. Прашањето што му го поставив на Мајк, а ти го поставувам и тебе – што ќе се случи во светот?
Кажете вие.
Синатра: На Мајк му реков дека мислам дека тоа е единствената шанса на светот да опстане. Но, Мајк одмавна со главата и ми рече: „Френк, ти си многу болен.“ Можеби сум. Но, додека некој не го запали фитилот, мислам дека константното подготвување за студена војна е поефективно за одржување на мирот отколку тоа наивно мислење на целосно разоружување. Исто така, се прашувам дали тоа разоружување подразбира и ликвидација на целото хемиско и бактериско оружје, коешто, како што знаете, може да биде смртоносно како и нуклеарното. Картаџиите имаат една изрека: Можеш да играш ако ги заковаш очите за масата. Со други зборови: Вечното внимание е цената на слободата.
Тоа значи дека мислите дека нуклеарното тестирање треба да продолжи?
Синатра: Апсолутно не. Мислам дека треба да престане и дека ќе престане, затоа што мора да престане. Прозивање во ОН и вперување прст кон некого мислам дека е голема глупост. Двете страни мораат да живеат на оваа планета и сите лидери знаат дека нивните деца и нивните внуци мораат исто така да живеат овде. Мислам дека во истиот момент кога нивото на стронциум ќе ја достигне критичната точка во атмосферата, научниците од двете страни ќе им се јават на политичарите и ќе ги повикаат да ги сопрат тестирањата, веројатно во исто време, без да се договараат.
Пред малку рековте дека стравот и сомнежот би можеле да ги уништат сите шанси за ефективно и трајно разоружување. Зарем нуклеарната опременост не би можела да ги поттикне овие чувства и тоа на многу повисоко ниво?
Синатра: Ставот ѝ е непријател на логиката. Не постои ништо на светот што црпе повеќе енергија, што разорува, поразува, нема ништо понездраво од стравот, без разлика дали е тоа страв на поединец или на цела нација. Ако продолжиме да се плашиме од Русите и тие од нас, тогаш имаме голем проблем. Ниту една страна нема да биде во можност да донесе логична, разумна одлука. Сепак, мислам дека нивниот страв поради некоја идеолошка рамнотежа во некои области е далеку од ирационален. Нашите грижи за комунистичка Куба кои одат со милји подалеку од Ки Вест, на пример, па мораат да бидат еднакви со руските за нашите проектили што ги опкружуваат. Нормално е да бидеме многу загрижени, но мораме да бидеме способни да ја видиме и нивната страна од паричката, а да не допуштиме тие грижи да се претворат во страв на двете страни.
Што мислите кои се можностите евентуално повторно да се случи зближување на Русија и Америка?
Синатра: Јас сум пејач. Ниту пророк ниту дипломат. Прашај ги стручњаците или прочитај го извештајот на браќата Рокфелер. Но, ако зборувам како лаик, обичен човек кој мисли и се грижи, ако успееме да поминеме без војна во наредниве десет години, никогаш повеќе и нема да војуваме. Од сѐ што сум видел и што сум прочитал се обложувам дека во наредната деценија на Русите само ќе ги сведуваат сметките, а исто и ние. Ќе сакаат телевизор во боја, нивните жени ќе сакаат електрични апарати во домаќинството, а нивните деца брзи коли. Дури и руските девојчиња стануваат модерни. Сум видел некои нивни слики од некое руско одморалиште и тоа изгледа како ривиера. Слаби и носат бикини. Кога ќе почнат во Москва да се продаваат бикини, тогаш ќе има изгледи за борба, зашто тоа ќе значи дека девојките се заинтересирале да станат девојки, а момчињата ќе престанат да мислат на комуни и ќе почнат да мислат за брак. Отсекогаш сум ја имал таа теорија дека кога момчињата и девојките ќе почнат да мислат на љубов, забораваат на освојување на светот. Тогаш само сакаат удобен стан, стерео и кола и нивните мисли се вртат кон добрите работи во животот, а не кон војни. Опуштете се, тие живеат и сѐ повеќе се во фазон да пуштат да се живее. Капираш?
Френк, во текот на разговор изнесовте некои негативни ставови за човечката природа. Но, сепак, некој би можел да помисли дека и покрај биготеријата, дволичноста, глупоста, грубоста и стравот за коишто зборувате, постои некаква надеж за судбината на хомосапиенсот. Така ли е?
Синатра: Апсолутно. Јас никогаш не сум циничен, без надеж за иднината. Историјата на човештвото докажува дека во некој момент луѓето ги расчистуваат своите сметки и мислам дека сме блиску до тоа. Мислам дека ќе ни биде добро ако живееме и ако ги пуштиме другите да живеат. И да се сакаме. Мислам, навистина да се сакаме. Иако не го познаваш типот на другиот крај на светот, сакај го, без оглед на сѐ зашто и тој е ист како тебе. И тој ги сонува истите соништа како и ти, и тој во исто се надева и од исто се плаши. Сето ова е еден свет, другар. Сите ние сме комшии. Зарем не беше дека некој некогаш одамна се качил на врвот од некоја планина и на сите им кажал иста работа?
Преземено од Playboy
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.