Тимот на Формула 1, Ферари ја крши традицијата со необичен чекор. При трката за Големата награда на Италија нема да го објави името на возачите за следната сезона. Медиумите наголемо претпоставуваат дека Кими Раиконен ќе го замени Фелипе Маса како втор возач на Ферари, но компанијата вели дека „нема објава на повидок“.
Ферари имаше адет да го обзнани името на возачот за следната сезона кога „најбрзиот циркус“ ќе дојде во Италија. Трката во Монца е закажана за 8 септември.
„Ништо не е одлучено, а важните одлуки се носат заеднички, во вистински момент, а не заради одреден ден во календарот“ се вели во соопштението.
Договорот на Маса истекува на крајот на годинава, а тој нема победа уште од 2009 година. Првиот возач на Ферари, Фернандо Алонсо оваа сезона за сега е втор во конкуренција на возачи, со 46 бодови помалку од Себастијан Фетел од Ред Бул.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


