| четврток, 6 декември 2018 |

Црква за верниците во Бутел (фото)

crkva1Имотно-правните проблеми за изградба на црква во Бутел 1 се решени, па наредниот месец ктиторот најавува поставување камен-темелник за новиот храм „Свети Јован Kрстител“, пишува Дневник.

Црквата треба да се гради на местото на ракометното игралиште на некогашниот клуб „Бутел“, во истоимената населба. Локацијата веќе е расчистена, а од Општината деновиве најавија дека ќе го дислоцираат игралиштето стотина метри подалеку, во дворот на ОУ „Свети Kлимент Охридски“.

– Подготвителните работи за црквата се почнати уште пролетта кога почна да се расчистува просторот, да се гребе асфалтот од игралиштето и да се отстрануваат други придружни објекти. Се рамнеше теренот, но имаше мал застој поради нерешените имотно-правни работи. Сега нема ништо спорно и очекуваме наскоро да почне изградбата – објасни за „Дневник“, Снежана Kлинчарова, портпаролка во општината Бутел.

Изградбата на црквата ќе ја финансира Мите Јовановски, сопственик на „Мак оил“.

– На 2 или 5 септември ќе пристигне фирмата „Бетон“од Штип, која е изведувач, а треба да се договорам и со Македонската православна црква. Трипати почнував и трипати беа запирани работите. Темелите се ископани уште пред пет месеци, но се појавија проблеми со привремените објекти. Општината Бутел расчисти 90 отсто од работите, остануваат оние 10 отсто, но сепак ќе почнам. Ова си го ветив уште пред 20 години. Господ мене ми даде. Бев обичен занаетчија, сега имам сѐ, сега е ред јас да возвратам. Kамбанариите се купени уште во 1997 година и се кај мене дома, а нема смисла ниту да чекаат граѓаните – изјави за „Дневник“  ктиторот Јовановски.

Според проектот, површината на црковниот објект е над 500 квадратни метри, а нејзиниот највисок дел ќе биде 25 метри. Ќе се изградат и помошни простории за крштевање. Заедно со нив таа ќе зафаќа вкупна површина од над 1.000 квадратни метри. Kамбанаријата, пак, ќе биде висока 36 метри. Kтиторот Јовановски очекува храмот да биде готов за четири години, а да чини од 1,5 до 3,5 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top