Некои со насмевка, некои со болка и гнев, измамените граѓани еден по еден почнаа да се соочуваат со фризерката Благица Дончевска.
Една скопјанка раскажа дека фризерката ѝ понудила два стана во Горче Петров за 30 илјади долари, останатите пари до реалната вредност биле од донација. Со фризерката се познавала од пред 7 години, ги зближила маката.
Таа имала дете со ист хендикеп како и сестрата на Дончевска, па поверувала на убедувањата дека говори вистина. Дури, како што рече, ѝ се колнела во три деца и сестрата. Оштетената не издржа и револтирано се обрати на Дончевска во судницата
– Знаеш многу добро како го израснав моето дете. Од сѐ сум се откажала во животот, а таа ме измами на ваков начин. Тоа е безобразно – рече измамената жена.
Според измамената граѓанка, Дончевска била многу упорна да ѝ продаде стан, постојано ѝ доаѓала на тезгата на пазар и дома и ја убедувала дека е поврзана со три министерства, но и дека зад неа стојат луѓе од власта.
– Ја прашував кој стои зад ова, ми рече самото презиме Велјановски ти кажува. Само Господ е над нив – раскажа оштетената.
Друг оштетен пак рече дека платил 15 илјади евра за 75 квадратен стан во Ново Лисиче. Не се познавал лично со Дончевска. Пораките од неа ги примал од пријатели кои пред него уплатиле.
Раскажа дека првиот пат му било кажано дека на втори мај свечено ќе ги добијат становите, но откако поминал овој датум а тие останале без документи и клуч на рака, добиле ново ветување и нов рок.
Вториот пат им закажала средба во кафеана од каде било планирано да одат на нотар и да ги заверат документите за купопродажба на станови, но по два часа чекање телефонски ги известила дека и овој пат се одлага. Подоцна кога ѝ се јавил му понудила да му ги врати парите ако не може да чека, но сѐ уште се надевал дека може да го добие станот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



