| четврток, 6 декември 2018 |

Черепот на св. Климент ги обединува Македонците, Грците и Бугарите

Черепот на овој светител веќе 700 години е во олтарскиот дел на манастирот „Свети Јован Kрстител“ на планината во близина на градот Верија во Грција каде што е донесен од Охрид, пишува „Дневник“.

Ве молам, дојдовме тука за да се помолиме пред моштите, пред главата на свети Kлимент, која се чува во вашиот манастир. Можете ли да ја изнесете пред нас, можеме ли да ја видиме, допреме, го прашавме монахот, кој во манастирската работилница на влезот вредно ги пакуваше иконите и темјанот наменети за верниците.

Нè погледна со разбирање, рече кусо да го почекаме две минути и набргу се упативме по него. Босоног, брзо одеше и ни ја отклучи главната врата на храмот посветен на свети Јован Kрстител, која, инаку, пред и по нас не беше отворена за посетителите, кои можеа да го видат само предворјето.

Навлеговме во внатрешноста, која дишеше со векови, пред олтарот, чијшто иконостас веднаш нè потсети на бигорскиот, слушајќи го пеењето на монахот, кое е задолжително кога ги носи моштите на некој светител.

Во рацете држеше сребрена кутија на која беа изгравирани ликови на Богородица и други мотиви од христијанството. Ја постави пред нас и откако ја отвори, на капачето веднаш го видовме познатиот лик на светителот. А внатре, во позлатен оков, се гледаше дел од неговиот череп, кој тука се чува веќе седум века.

cerepsvkliment

Се прекрстуваме, се молиме обидувајќи се да се присетиме на имињата на сите на кои им е потребна некаква помош за да може зборовите и мислите да допрат до светителот, кој оставил најголема трага во животот на христијаните на овие и на пошироките простори. Недостигаат зборови и мисли за да го опфатиме сето тоа што сакаме, што претходно сме го планирале, исполнети со неизвесноста дали воопшто ќе ни биде дозволено да ја видиме главата на светителот.

Монахот мирно ја набљудува нашата возбуда, ни дозволува и да го бакнеме черепот, да го допреме со памукчето за да го пренесеме благодатот и на многу други, да направиме и фотографии. Потоа, со иста смиреност и понизност, со песна полна благодарност, ја затвори и ја однесе сребрената кутија за да ја врати зад олтарот каде што се чуваат моштите и на други светители.

Познато е дека мошти на св. Kлимент се чуваат на манастирот „Свети Пантелејмон“ на охридски Плаошник, а освен во Грција, мал дел има и во Бугарија. Во Софија се чува парче со големина на нокот, а МПЦ-ОА пред пет години отстапи една мала честичка на Пловдивската митрополија, во која се изгради храмот посветен на овој голем светител.

Освен ова, едно мало делче од моштите се наоѓа и во Рим, Италија, откако во 70-тите години од минатиот век биле доделени на еден словачки интернат.

Во манастирот на Плаошник ние ги чуваме најголемиот дел од моштите на нашиот основоположник – рацете, нозете… Различна е практиката во православните цркви како се остапуваат моштите на светителите. Најчесто за тоа решаваат синодите – изјавил владиката Тимотеј.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top