| четврток, 6 декември 2018 |

ЈСП ќе отвори стаклен музеј на стари автобуси

За околу три недели и свечено ќе биде отворен музејот на автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, што се наоѓа во автобазата Ѓорче Петров, најави директорот Мишо Николов, пишува „Дненвик“. Ќе бидат изложени седум автобуси, стари марки кои превезувале патници во различни периоди, почнувајќи од основањето на претпријатието.

Најстарото возило е „лејланд“, произведен во 1969 година, а другите се од „Санос“, „Раба“, „МАН“, „Икарус“. Идејата за вакво нешто се наметнала по повод 65 години од основањето на претпријатието. Еден вид заокружување на проектот за модернизација на ЈСП, со кој се набавија 312 нови возила, нископодни, двокатни, мини и отворени, донација од Владата и од Град Скопје. Отворањето ваков тип изложба беше најавена уште лани.

– Музејот ќе биде на отворено. Интересно е што просторот на музејот е ограден со стакла од автобуси. Не е покриен. Тоа е еден вид изложба на отворено – појасни директорот Мишо Николов.

Во прво време музејот ќе го сочинуваат седумте марки, а со текот на времето тој ќе биде надополнуван. Односно, како ќе се набавуваат нови автобуси, ќе се остава по еден примерок од старите, информира директорот.

Посетата на овој музеј нема да се наплаќа. Изложбата може да ја посети секој, со претходна најава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top