„Тетекс“ од Тетово, најголемиот текстилен комбинат во земјава, од камати и вложувања направил десет пати поголема добивка одошто од продажба на конфекција, покажуваат официјалните неревидирани биланси што денеска ги објави таа компанија.
Според достапните податоци, „Тетекс“ во првите шест месеци годинава остварил профит (оперативна добивка) од продажба на своите производи во износ од 6,09 милиони денари. Вкупните оперативни приходи за шест месеци се 184,5 милиони денари, а оперативните расходи се 178,4 милиони. Позитивната разлика од работењето за овој период изнесува 6 милиони денари. Односно, најголемата текстилна фабрика во земјава прави месечен профит од 1 милион денари (нешто повеќе од 16.200 евра).
Наспроти тоа, „Тетекс“ во првите шест месеци од вложувања, заеми и камати, како и курсни разлики, остварил приходи од 82,9 милиони денари. Финансиските расходи на компанијата се 13,8 милиони денари. Нето-добивката на компанијата за првото полугодие, пред сѐ, благодарејќи на приходите од финансирање, изнесува повеќе од 75 милиони денари, а од тоа над 69 милиони денари се од камати.
Во однос на параметрите од основната дејност, а не од финансискиот менаџмент на раководството, „Тетекс“ успеал да ја зголеми продажбата на домашниот пазар за 35 отсто во споредба со лани и на странските пазари го задржи истото ниво на продажба како и лани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



