Во вторник претставници на индиската Сахара груп доаѓаат повторно во Македонија. Целта на посетата е почетокот на реорганизацијата на агрокомбинатот Џумајлија.
Првите градежни работи ќе започнат до октомври, а активностите ќе се засилат на пролет, објави Алфа. Во наредните три години ќе бидат изградени четири одвоени фарми за крави кои ќе бидат целосно климатизирани и со оддели за механичко молзење, високотехнолошка млекарница, како и објекти за производство на добиточна храна. 20-те илјади крави ќе пристигнат од Холандија, во неколку фази. Целата инвестиција е проценета на 211 милиони евра – 60 милиони во првите 8 месеци, 70 милиони во наредните 12 и уште 80 до крајот на тригодишниот период.
Ќе се вработат 2.000 луѓе од различни профили поврзани со земјоделството, но агрокомбинатот ќе соработува и со локалните сточари. Новите технолгии би требало да им ги зголемат приносите и до 30%.
Според договорот склучен со Министерството за земјоделство, за земјиштето претставниптвото на Сахара на државата во наредните 15 години ќе и плаќа закупнина од 121.000 евра годишно. Ове беше повод за реакции – според опозицијата субвенциите ќе биле поголеми од надоместокот за концесија. Власта тогаш возврати дека за таа површина максималниот износ на субвенции не надминува 85.000 евра, дека опозиционерите се обидувале да ги избркаат странските компании.
Џумајлија е вториот најголем агрокомбинат во Македонија. Поседува 6.000 хектари обраболиво земјиште и 6.000 хектари пасишта, винарска визба, млин, фарма со капацитет од 1.000 овци и 200 крави. Пред да пропадне годишно произведуваше над 20.000 тони житни и фуражни култури.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


