Двесет и седум пливачи стартуваа на годинешниот 27-ми по ред Меѓународен маратон што се одржува на Охридското Езеро. Стартот на трката точно на пладне го означи ветеранот на охридското и македонското маратонско пливање Дики Бојаџи, а во Свети Наум на почетокот на најголемата меѓународна спортска манифестација во земјата присуствуваше и покровителот на маратонот, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Седумнаесет маратонци и десет маратонки ќе ја пливаат патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид, долга 30 километри.
Во водите на Охридското Езеро се и водечките во генерален пласман во двете категории Даниел Блум од Аргентина и Олга Козјодуб од Русија.

Македонската пливачка експедиција во Охрид ја предводат Томи Стефановски и Евгениј Поп-Ацев кои го делат третото место во генералниот пласман, а тука се уште и Александар Илиевски и Дејан Младеновски. И оваа година Македонија нема да има своја преставничка на маратонот.

Временските прилики се поволни, температурата на водата е некаде околу 24 степени Целзиусови, така што условите најавуваат добра трка, а првите пливачи на целта би требало да пристигнат некаде после 17 часот.

Неприкосновен победник на Охридскиот маратон е бугаринот Петар Стојчев кој има триумфирано дури 11 пати и е носител на рекордот на патеката, испливана за 5:19:30 часа. Стојчев е во Охрид, но не како пливач туку како дел од стручната придружба на нашиот маратонец Стефановски.

Стефановски победи на маратонот во Канада и е во одлична форма така што се наоѓа меѓу претендентите за место на подиумот, можеби и за триумф.
Охридскиот маратон е претпоследен во календарот на Гран-при серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА).

Технички организатор на Охридскиот маратон за првпат е Македонската пливачка федерација, а наградниот фонд за маратонот изнесува десет илјади долари.

Фото: Ѓ. Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Напладне во Свети Наум ќе стартува 32-то издание на Охридскиот пливачки маратон
-
Миа Крстевска е новата шампионка во 200 метри грбно и освојувач на златен медал во Белград
-
Македонските пливачи подготвени за ЕП во Копенхаген
-
Голем срам на Олимписки базен – децата плаќале по 3 евра од трка, а резултатите биле објавувани на чаршави!


