| четврток, 6 декември 2018 |

Отворена е ТИРЗ „Штип“

Oтворeнa e првата технолошко-индустриска развојна зона во источна Македонија, во близина на штипската приградска населба Три чешми. Премиерот Груевски истакна дека од почетокот на 2010 година, кога се постави камен-темелникот на изградба на зоната, сѐ до денес во ТИРЗ „Штип“ се изведоа доста крупни зафати и инфраструктурни инвестиции.

TIRZ Stip mapa 02– Се изгради главната сообраќајница на зоната во должина од 2,2 километри, се изгради водоводна инсталација, атмосферска и фекална канализација, се изгради електроенергетска мрежа, се изгради телекомуникациска инфраструктура, како и улично осветлување во самата зона. Со тоа, најголемата ТИРЗ во Македонија стана една функционална целина, која со своите карактеристики може да им посака добредојде на сите потенцијални инвеститори во овој регион. На тој план, мразот го скрши „Џонсон контролс“ со својата втора инвестиција во Македонија и изградба на својата прва фабрика во зоната во Штип. Сепак, оваа зона има 208 хектари и 37 големи парцели. Очекувам дека нема да помине долго време кога овие 37 парцели ќе се претворат во 37 фабрики – рече Груевски.

Изградбата на ТИРЗ во Штип е регионален проект што дава позитивни ефекти, кои веќе ги имаат почувствувано граѓаните на Штип, Пробиштип, Кочани, Велес, Свети Николе и Радовиш кои почнале со обука на пробна работа во „Џонсон контролс“.

TIRZ Stip– Интересот е разбирлив, зоната има целосна инфраструктурна покриеност, местоположбата е одлична, во непосредна близина поминува железничката пруга, тука е новата трафостаница „Штип“, блиску е базата за нафтени деривати на „Лукоил“, патната инфраструктура до Штип е добра, а во иднина ќе биде уште подобра со реконструкцијата на патот Велес – Штип, патот Штип – Струмица, како и со изградбата на автопатот Скопје – Штип за којшто верувам дека до крајот на септември ќе можам да кажам позитивна информација, рече Груевски.

Тој најави дека во ТИРЗ „Штип“ се очекува изградба на нова фабрика за градежни материјали. Инвеститорот веќе закупил 6.000 метри квадратни простор во ТИРЗ „Штип“, веднаш до новата фабрика на „Џонсон Контролс“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top