Во приоритетите на Грција за престојното претседателство со ЕУ не се спомнува проширувањето и покрај претходните тврдења на Атина дека е посветена на процесот со земјите од Западен Балкан, пренесува МИА.
Интернет порталот „Еурактив“ во анализата потсетува дека грчкото МНР ги објави приоритетите на грчкото претседателство од јануари следната година во кои не се споменува проширувањето, а приоритетите се поделени во четири поглавја: раст, работни места и кохезија, понатамошна интеграција на ЕУ и еврозоната, миграции, граници и мобилност и поморски политики.
„Проширувањето е видливо отсутно од листата на приоритети, и покрај посветеноста од страна на Атина во рамките на заедничката програма на т.н. тројно претседателство – во моментов составено од Ирска, Литванија и Грција – кое го дефинираше проширувањето како ’област од стратешка важност’“, коментира независниот информативен портал посветен исклучиво на прашања поврзани со Европската унија.
Еурактив потсетува дека Грција во минатото се залагаше за политиката на проширување на ЕУ, а беше и домаќин самитот за Западен Балкан во Солун 2003 година „кој се смета за пресвртница за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан“.
Грчкиот заменик министер за надворешни работи Димитрис Куркулас за портолот изјавил дека проширувањете отсекогаш било и ќе продолжи да биде врвен приоритет за неговата земја, но додал дека „наместо на големи настани или состаноци, Грција за време на своето претседателство ќе ја турка секоја земја посебно, врз основа на заслуженото“.
– Со оглед на тоа што политичката ангажираност е во име на целата Европска унија, нашата цел е да продолжиме со конкретни чекори, прилагодени на специфичните потреби и околности на секој конкретен случај. Во овој контекст, грчкото претседателство ќе биде посветено на промовирање на проширувањето на Унијата и ефективно справување со предизвиците со кои секоја земја кандидат се соочува во овој специфичен момент, изјавил Куркулас.
„Грција навистина има длабоки интереси во проширувањето на ЕУ, но има проблематични односи со многу од земјите кандидати за влез во Унијата, кои се наоѓаат во нејзиното непосредно соседство“, заклучува Еурактив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.