Пожарот кој го зафати ридот над Црнобуки од едната страна и над Лисолај од другата страна, како последица на ветерот попладнево се прошири кон Лопатица. На терен се интервенира со сите расположливи средства, но поради непристапноста на теренот, копнените сили тешко се справуваат со пламените јазици. Попладне на барање на градоначалникот на Општина Битола, Дирекцијата за заштита и спасување, активираше два хеликоптери на АРМ. На терен, покрај екипи на територијалната противпожарна единица од Битола, интервенираат и работници од Кајмакчалан и доброволци од Доброволното противпожарно друштво Пегаз.
-Имаме неколку неповолности: се работи за борова шума која што многу брзо гори и имаме ветер кој што не ни е во прилог. Интервенираме со два хеликоптери кои што денеска ќе гаснат додека има ден, ќе гаснат на целата површина. Но, мора да кажеме дека се работи за пожар кој опфаќа околу 6 рида, така што, за жал неможеме оптимистички да кажеме дека се тоа денеска би завршило. Но, поставени сме така што ги штитиме мештаните, го штитиме имотот, но за жал дел од шумата, дел од пасиштата веќе се уништени. Мора будно да го следиме пожарот затоа што времето воопшто не ни е во прилог. Има силен ветер, така што иако гаснат хеликоптерите на истите места се прават нови жаришта. Во контакт сме со сите луѓе, со противпожарната служба, со единиците кои ни помагаат, а на терен се и сите мештани. Според оваа ситуација на терен, имотот и мештаните се максимално заштитени. Ќе направиме стратегија заедно со центарот за кризи, а вечерва ќе направиме и состанок на кризниот штаб и веќе рано наутро ќе пуштиме екипи на повеќе места, изјави градоначалникот Талески.
Од противпожарната единица информираат дека нема опасност огнот да стигне до манастирот кој се наоѓа на ридот, затоа што таму веќе има луѓе кои би го спречиле тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.