Археолошкиот локалитет кај Скопје оставен сам на себе, попушта пред човековата алчност и негрижа. Ловци на богатство го уриваат за да најдат злато во него.
Како што пишува денешниот Утрински весник, една од најголемите туристички атракции на Скопје – Аквадуктот кај Визбегово е сериозно болен. Подгризнат од страните, изеден од забот на времето, сега прима удари во срцето. Ловци на богатство го уриваат за да најдат злато во него. Уште не нашле, ама им кажале дека има. Археолошкиот локалитет стар со векови нема кој да го одбрани. Војската, чиј имот е разграничен со една жичена ограда, стои настрана, а полицијата едвај доаѓа и во вечерните часови кога далеку зад светлата на градот се собираат зависници од дрога. Жителите на десетината куќи во Качанички пат немоќно гледаат што се случува во нивното соседство. И бараат помош, апелираат државата да преземе нешто. Што било.
Прекрасниот споменик од Римската империја, преку кој била спроведувана вода во градот Скупи, денеска личи на запуштен објект од времето на комунизмот. До него се стигнува преку обиколницата кај селото Визбегово, но за да дојдете таму, мора да има некој што го познава патот, оти патоказ или каков било знак нема да најдете. Табла со основните карактеристики на Аквадуктот можете да сонувате. По правливиот пат долг стотина метри, можеби малку потоа, ќе го видите „мостот“ меѓу купишта сено. Ако сега на пеколните температури отидете таму, првото на што ќе помислите и ќе се исплашите се змии. Висока трева, сено, напуштеност… На црвената градба долга неколку десетици метри, не можете да се искачите. Грмушки обраснале на краиштата, а преку средината секако не можете да се искачите, високо е неколку метри. Впрочем, ако сте таму, нема да ви падне на ум да се качувате по Аквадуктот. Столбовите се изедени. Нешто поради запуштеноста, а многу повеќе поради човековата алчност и непромисленост. Недостигаат цели камени блокови. Или, пак, украден е само еден и зјае празниот простор.
„Било се’, сме виделе се’, ама вакво нешто никогаш немало. Речиси секој ден доаѓаат тука луѓе и копаат по Аквадуктот. Среде бел ден, не се плашат од ништо. Еднаш ги прашавме што прават и зошто копаат по градбата – ни рекоа оти таму било закопано злато. Какво злато бе, деца? Немаа повеќе од 18 години, а некој им ја наполнил главата со глупости. И што ќе им правиш“, се жалат граѓаните од блиските куќи.
Околу Аквадуктот има ограда. Веднаш до високата трева. Жичена е, илустрира дека зад неа е имот на војската. Се наѕира хангар со армиски возила, ама од војници нема абер. Тишина.
„Порано, кога имаше војници, сакам да кажам кога се одеше во војска, тука не се доближуваше. Кај смееше некој да помисли да краде или да копа. Сега и армијата како да дигна раце“, раскажуваат соседите.
Дека има живот под мостот, сведочат и празните шишиња, амбалажи од храна, дури и чевли, парчиња облека… Ѓубришта.
„Преку ден ги имаме копачите по злато, а навечер наркоманите и пијаниците. Се собираат таму, никој не ги гледа, се дрогираат, пијат, неретко и проблеми ни прават по куќи. Викаме полиција, која некогаш доаѓа бргу, ќе ги приведе, а некогаш, пак, изгледа ги мрзи и само ќе ни речат: „Не закачајте ги, па и тие нема да ве закачаат“, ни зборува средовечна госпоѓа во една од најблиските куќи.
Жителите на Качанички Пат не можат да се изначудат зошто ние што живееме тука имаме различен однос кон толку вреден споменик на минатото во однос на странските туристи, кои секојдневно доаѓаат да го посетат Аквадуктот. И тие самите се срамат пред гостите. Можеби и се единствените што чувствуваат срам од тоа што се случува на десетина минути возење од центарот на градот.
Кога е изграден прекрасниот објект
Скопскиот Аквадукт претставува археолошки локалитет кој се наоѓа кај Визбегово, во непосредна близина на градот Скопје. Датумот на неговата изградба до скоро не бил познат. Се сметало дека тој датира од времето на Римската империја или Византија, во времето на Јустинијан Први, од 527 до 554 година, па поради тоа овој Аквадукт се нарекува и Јустинијанов аквадукт. Според овие мислења, тој бил поврзан со градот Скупи. Се смета дека преку Аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до „топџиската касарна“, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли-ан и Сија-беговата џамија. Водата преку Аквадуктот се пренесувала со цевки, кои оделе од запад кон исток.
Во 1669 година патописецот д-р Браун запишал дека „Аквадуктот е прекрасен стар објект, кој на ова место му носи голема почит“. Многу историчари го цитирале Прокопиј (познатиот хроничар на владеењето на Јустинијан). Според Прокопиј водоводот бил подигнат во периодот од 527 до 565 година. Се верува и дека поради сличноста со техниката на градење на Аквадуктот со Куршумли-ан во Скопје, тој не потекнува од византискиот период, туку бил граден во текот на 15 век, кога градот Скопје почнал интензивно да се зголемува заедно со новите исламски градби: амами и џамии, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода. Аквадуктот за последен пат бил обновен по скопскиот земјотрес во 1963 година, кога биле поправени три свода и два столба, кои паднале од јачината на земјотресот.
Во текот на својата историја, голем број на патници, историчари и писари, кои пишувале за Аквадуктот, сепак, не се согласувале околу бројот на неговите лаци: според некои тврдења нивниот број бил 200, па 60, а бројот од 55 лака е забележан и во Енциклопедијата на ликовните уметности објавена во Загреб во 1960 година. Според податоци од 1514 година, година кога се смета дека бил изграден Аквадуктот, тој содржел 55 свода, кои се потпираат на масивни столбови со квадратна основа, 42 отвори за олеснување на ѕидната маса, а вкупната негова должина изнесувала 386 метри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.