Познатиот аналитичар смета дека и ниту Грција, ниту Македонија се заинтересирани за решавање на спорот, поради што ОН треба да се повлече и да ги остави сами да се справат со проблемот.
Обединетите нации да се повлечат од решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција и на тој начин да се натераат двете страни да седнат директно да разговараат и да постигнат решение, смета американскиот професор и експерт за Балканот Даниел Сервер.
– Дали подготвеноста на меѓународната заедница да продолжи со посредувањето го помага или спречува постигнувањето на решение. Прашањето е, дали треба да се откажеме од посредникот на Обединетите нации, во надеж дека тоа ќе им даде поттик на Атина и Скопје директно да постигнат договор. Ми делува дека би било оправдано ОН да ги запрат своите напори и да остават двете страни меѓусебно да се договорат, или не, пишува Сервер.
Поранешниот американски пратеник на Балканот наведува дека напорите на посредникот Метју Нимиц досега не вродиле со плод и истовремено прашува дали меѓународната заедница воопшто има интерес да посредува толку долго за решавање на спорот, имајќи предвид дека не постои закана од вооружен конфликт околу него.
– Грција го блокира приемот во НАТО, со што ја крши Времената спогодба од 1995 година. Тоа го забележа и Меѓународниот суд на правдата кој пресуди дека Грција ги прекршила своите обврски, но нема сила да ја спроведе својата пресуда. Грција повремено делуваше подготвена да прифати решение, како Северна Македонија, но инсистира тоа да се употребува во сите случаи, вклучително и секогаш кога ќе се спомне во македонскиот Устав. Ова не е многу привлечно за Скопје, кое веќе има ситуација во која сите, освен Грција и меѓународните организации земјата ја викаат Македонија. Скопје воедно се сомнева дека, дури и да прифати договор, грчкиот Парламент нема да го ратификува членството во НАТО, а уште помалку во Европската Унија, вели Сервер.
Американскиот експерт оценува дека во двете земји нема многу интерес за решавање на спорот. Во Македонија, тој вели дека Владата добива на популарност благодарение на националистичка реторика и градбите во Скопје. Сервер наведува дека етничките Албанци во Македонија, бараат решавање на спорот, со кој не се гледаат идентитетски поврзани како Македонците, затоа што преку неговото решавање и членството во НАТО ќе добијат безбедносни гаранции за себе.
Во Грција, пак, Сервер вели дека премиерот Самарас е еден од луѓето кои го започнале овој спор, и не гледа политички интерес да го разреши. Идејата на професорот Сервер, за директен дијалог меѓу Македонија и Грција доаѓа по иницијативата на Македонија, за средба на ниво на премиери и за формирање на тимови на двете држави, кои би разговарале за спорот под посредништво на амбасадорот Нимиц. Грција го одби овој предлог.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Веспрем се повлекува, две нови српски екипи во СЕХА-лигата
-
Иванов:Македонија е пример за тоа како една земја може да биде предмет на двојни стандарди кои се граничат со лицемерие
-
Живот на дело: Повлечени машините кои го градат автопатот Кичево- Охрид (ФОТО)
-
ЕУ и ОН реагираа на одлуката на Трамп за повлекување на САД од Париската спогодба за климата



