| четврток, 6 декември 2018 |

Советникот на Путин: Украина ќе изврши самоубиство ако го потпише Договорот за приклучување кон ЕУ

ukraina rusija eu

Контролата на стоките на руско-украинската граница, која деновиве предизвикува тешкотии, претставува еднократна акција, но во случај ако Украина го потпише Договорот за приклучување кон ЕУ, царинските процедури ќе бидат заострени, изјави советникот на претседателот на Русија, Сергеј Глазев, јави Руска реч.
Федерацијата на бизнисмени на Украина тврди дека царинската служба на руските граници од 14 август ја зголемила контролата на стоката од сите украински извозници, со што потенцијалните загуби на украинска страна изнесуваат 2,5 милијарди долари.
Експертите од обете страни ја објаснуваат оваа ситуација со желбата на властите во Русија да ја примораат Украина да влезе во Царинската унија или да се откаже од потпишувањето на договорот за слободна трговија со ЕУ, што е планирано во ноември.
„Нема потреба од драматизирање. Работата е во тоа што руската царинска служба спроведуваше превентивна акција во врска со припремите за промена на режимот на царинските процедури во случај Украина да го потпише Договорот за приклучување со ЕУ“, изјави Глазев на новинарите.
„Засега нема донесена никаква одлука, но информациите се обработуваат. Ситуацијата сега е нормализирана, но за секој случај подготвуваме заострување на царинските процедури во случај Украина одеднаш да одлучи да го направи тој самоубиствен чекор и потпише Договор за приклучување со ЕУ“, изјави советникот на претседателот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top