Викендов, во акција на полициските службеници од СВР Охрид и граничната полиција од регионалниот центар Запад, во струшкото село Велешта биле затекнати четири странски државјанки со непријавен престој, три од Република Албанија и една од Косово, објави порталот „Охридњуз“.
За девојките што биле затекнати во хотел, во согласност со законот за странци, е поднесена прекршочна пријава и им е изречена парична казна од 300 евра и забрана за влез во Република Македонија во времетраење од шест месеци до една година.
Странските државјанки во хотелот извесно време работеле како естрадни уметнички и имале нелегален престој, со што извршиле злоупотреба на туристичкиот престој во Република Македонија за нелегална работа.
Слична акција беше реализирана и минатиот викенд во Кичево кога при контрола на угостителскиот објект „Стара централа“ со нелегален престој и нелегална работа биле затекнати две државјанки од Република Србија. По поднесената прекршочна пријава, ним им е изречена парична казна и забрана за влез во Република Македонија за време од една година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.