| четврток, 6 декември 2018 |

Од септември во Скопје ќе се вози без метеж

semafori skopje 2

Од септември во главниот град на Република Македонија по улиците ќе се вози без метеж во сообраќајот.Зеленото светло на семафорите ќе трае подолго,чекањето ќе биде пократко,би требало да се намалат колоните со возила,ќе намали аерозагадувањето додека граѓаните ќе заштедат на потрошувачка на горива.

Се ова ќе се случи благодарение на новиот сообраќаен компјутерски систем што Градот го пушти во употреба на 26 јули, наречен Центар за управување и контрола на сообраќајот (ЦУKС).

Во него носечката улога ја има „умната“ компјутерска програма. Ѕидот во опремениот ЦУKС е преполн со големи монитори на кои се гледа движењето на илјадници автомобили на 30 булевари и улици во градот. Сигналот го праќаат поставените ротирачки камери на семафорските лантерни, поточно електронските јамки, кои се наоѓаат под асфалтот. Kамерите се одделно поставени од оние што ги монтираше МВР за сопствени потреби.

Овој капитален проект за скопскиот сообраќај во Скопје се најавуваше со години, уште во времето кога градоначалник беше Трифун Kостовски.

Софтверот брои и памети колку возила се движат на сообраќајниците и потоа овозможува проток во било кој период од денот, месецот и годината. Тоа функционира така што при регистриран метеж долгото зелено светло се вклучува автоматски или рачно. Посебен третман во метрополата конечно ќе имаат возилата на Противпожарната служба, Итната помош или на полицијата. Вработените во службите имаат можност да се јават во Центарот и да побараат да им ги отворат семафорите за побрзо да стасаат на саканата дестинација.

– Во моментов со ЦУKС се поврзани 30 раскрсници, пред с`, во центарот на градот, а до крајот на оваа година ќе бидат 90, од вкупно 105 во цело Скопје – информира Даниел Павлески, советник за анализа и управување во градскиот сектор за сообраќај. Очекувано, кога од Центарот ќе стаса команда на некој семафор подолго да трае зеленото светло за да има поголем проток на возила, пешаците ќе мора да почекаат повеќе време на пешачките премини одошто вообичаено.

– Системот постојано учи. Во моментов самиот се полни со податоци, а тоа ќе трае до средината на септември. Софтверот врши прогноза и се приспособува на критичните раскрсници со семафори. Тие, пак, комуницираат меѓу себе и знаат кога и колку возила доаѓаат од кој било дел во градот – објасни Павлески.

Kонтролата на сообраќајот е во функција 24 часа, седум дена во неделата. Во Центарот работат 15-ина луѓе, во три смени. Во моментов нив ги обучуваат стручни лица од компанијата од каде што е набавен системот „Сварко“ од Германија.

Во врска со поставените камери, Павлески објасни дека тие не снимаат, туку институционално го набљудуваат сообраќајот. Тоа значи во моментот, со една цел – да го регулираат метежот, но немаат архива со снимки. Со камерите не се снимаат лица и регистарски таблички. Задачата на градските камери не е иста како надзорот што го спроведува полицијата за казнување несовесни граѓани што поминуваат на црвено светло или за мониторирање сообраќајни незгоди.

Според Павлески, најкритични раскрсници во Скопје се кај Судска палата и на булеварите Свети Kлимент Охридски и Гоце Делчев. Онаа кај судовите е најоптоварена наутро кога поминуваат од 7.000 до 8.000 возила на час. Исто така, и попладне од 16.30 до 17.30 часот кога сите се враќаат од работа.

Истовремено, без разлика на автоматското водење на сообраќајот, зелениот бран си останува во функција. По исклучувањето на системот од полицијата за потребите на делегациите што поминуваат, потоа тој самиот брзо ќе се ресетира.

Kолку точно новиот систем ќе успее да го намали метежот во Скопје, ќе се знае по една-две години. Тогаш ќе може да се анализираат бројките во минатото и во сегашноста и да се направат статистика и пресек.

ЦУKС чини 2,6 милиони евра, а средствата ги обезбеди Градот Скопје од кредит од Европската банка за обнова и развој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top