| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците им веруваат на професорите, докторите, поповите и оџите

narod[4]Македонските граѓани се повеќе веруваат во институциите, а расте и општата доверба, покажува истражувањето коешто го спроведе Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
– Пораст на довербата има кај речиси сите институции кои беа проверувани, но и пораст на општата доверба. Таа сега изнесува 56% и е за 5,4 процентни поени повисока во однос на слично истражување направено од Галуп во 2012 година. Степенот на доверба опаѓа со зголемување на дистанцата, па довербата во соседите изнесува 68% се до 18,3% кај непознатите. Сепак, се уште мнозинство граѓани сметаа дека повеќето луѓе би се обиделе да ги искористат (55,3%), наместо да постапат чесно (42,1%), стои во соопштението од МЦМС.

Истражувањето покажува дека довербата во институциите е стабилна – индексот на доверба изнесува 43, слично како во 2008 и во 2007 година, по забележаниот пад во 2010 година (41). Има пораст на довербата во сите сектори (државниот, деловниот, приватниот бизнис, граѓанскиот), а пад има кај медиумите и меѓународната заедница. Првпат откако МЦМС ја мери довербата се забележува мнозинска доверба во граѓанскиот сектор и тоа 54,2%.
– Довербата во државниот сектор е битно зголемена (индексот изнесува 56 наспроти, 44,5 во 2010 година). Значителен е растот во образованието, здравството и полицијата, кои го презедоа приматот од Армијата, но и кај сите други државни институции има раст на довербата. Порастот е кај сите етнички заедници, но разликата главно се должи на порастот на довербата во државата кај етничките Албанци (од 16 проценти на 35,4 проценти), вклучително и во политичките партии, се наведува во соопштението.

Собранието има умерено зголемување (од 34,4% на 41,9%), а Владата од 36,8% на 42,5%.
Намалена, но се уште мнозинска, како што посочуваат од МЦМС, е довербата во меѓународната заедница. Довербата во ООН изнесува 58,8, во НАТО, 56,3%, а во ЕУ 55,8%.
– Во овие три претставници на меѓународната задница повеќе веруваат етничките Албанци и симпатизерите на ДУИ, се наведува во соопштението.
На листата на професии, предводници се наставниците, професорите, лекарите, како и свештените, верските лица. Најмала доверба, според истражувањето, граѓаните имаат во судиите (43,1%) и во цариниците (36,5%), иако и тие како и сите други професии бележат умерен до голем раст во однос на 2010 година.

Истражувањето е спроведено со теренска анкета интервјуа, лице в лице од 31 мај до 21 јуни 2013 година, на репрезентативен примерок од 810 испитаници. Популациската рамка била население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност биле: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Анкетата е спроведена од агенцијата за истражувања М – Проспект.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top