Подметнат пожар во велешкото село Карабуњиште, околу 23 часот, ги сардисал дваесетината селски куќи.
Огнот бил запален од две страни на Карабуњиште. Случајно го забележила една жена. Таа ги дигнала на нозе останатите кои повеќе часови се бореле со огнот кој ја зафатил сувата трева околу селото.
Сопственици на куќи во селото велат дека знаат кој го подметнал пожарот. Тоа биле жители од соседните села Добрино и Семестрица кои ги опустошиле шумите на потегот од Зелениково до Велес и до Бреза. Дивите сечачи исекле стотици хектари дабово огревно дрво, изградиле див пат за транспорт и преку таорска клисура нелегално ги носеле на продажба во Скопје. Карабуњиштани проговорија за теророт кој го трпеле во изминатите години од дивите сечачи, кои со пушки им влегувале во селото за да ги плашат да не ги пријавуваат нив, кражбите на огревното дрво и да ги исселат од селото.
Од противпожарната единица денеска рекоа дека пожарот бил пријавен, но ноќта во средата не интервенирале бидејќи карабуњиштани рекле дека сами ќе се справат со огнот. По реакцијата на овие луѓе велешката подружница на „Македонски шуми“ најави зголемена контрола на шумите.
Градоначалникот рече дека до него досега не стигнала ниту една преставка, но ги повика овие луѓе на средба.
Селото Карабуњиште е оддалечено од Велес дваесетина километри и нема пат. До него се стигнува со воз, но само до станицата кај пчиња, а потоа се пешачи уште половина час. И покрај сѐ, родните огништа, шумските предели и чистата животна средина се причина во лето да му се враќаат исселените жители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.