– Маршрутата ми беше од Козле кон Центар. На крстосницата кај „Веро“ во Тафталиџе, замислен, не забележав дека во моментот се менува светлината на семафорот. Немав време да подзапрам и, буквално, кога бев под семафорот се вклучи црвено. Од другата страна, пак, едно постаро возило, „буба“, побрзало да помине, слично како во мојата ситуација, само кај него непосредно пред да се вклучи зелено. Не го ни забележав само почувствував удар и воздушните перничиња се отворија. Едвај излегов надвор, неговото возило беше речиси нечепнато. Мојот автомобил, стар само неколку месеци, беше направен парче. Зедов телефон да повикам полиција. Почна да ме моли аман заман не викај полиција, не ми е регистрирано возилото. Му викам немам избор, имам каско-осигурување, морам да повикам полиција. Ми вика немам да ти дадам пари, виновни сме двајцата, да си ја покриеме секој сам својата штета. Мојата петоцифрена во евра, неговата едвај двоцифрена…
Ова е само една од многуте сообраќајни незгоди во Скопје во кои еден од учесниците управува нерегистрирано возило.
Во 2012 година полицијата регистрирала 18.507 нерегистрирани возила, а од сообраќај биле исклучени 14.171. Ова е само бројката на нерегистрираните возила на улиците низ земјава што ги регистрирала полицијата. Бројката на ваквите возила во 2012 година е зголемен во однос на 2011 година, кога биле регистрирани 17.000 вакви возила, биле казнети 16.901 возач, а од сообраќај биле исклучени 11.571 возило. Во првите четири месеци од годината полицијата запрела 3.261 возач, кои управувале нерегистрирани возила, а од сообраќај исклучила 2.055 возила, што бележи мал пад во споредба со минатата година, кога во истиот период биле исклучени 2.833 возила.
Претпоставката е дека во земјава се возат околу 100.000 нерегистрирани возила. Во 2009 година Европската комисија излезе со информација дека околу 17 проценти од возилата во Македонија се возат нерегистрирани, или околу 50.000 возила. Во 2007 година, пак, дури 30 проценти од возилата се возеле без претходно да поминат технички преглед, да бидат осигурени и да се плати годишна регистрација. Осигурителните компании сметаат дека таа бројка е многу поголема, односно во земјава има повеќе од 100.000 возила што се возат неосигурени и нерегистрирани.
Во осигурителните компании велат дека не е мал бројот на штети во кои еден од учесниците управувал нерегистрирано возило.
– Загрижувачка е состојбата со нерегистрираните возила, кои се наоѓаат на патиштата низ земјава. Законските прописи се многу јасни, моторното возило мора да има полиса за осигурување и за регистрација, но, за жал, тоа не се почитува – велат во една од осигурителните компании.
Во случај на незгода со нерегистрирано возило, лицето што управувало регистрирано возило може да наплати штета од матичната осигурителна компанија, каде што го осигурил своето возило. Осигурителната компанија, пак, тие пари подоцна ги наплаќа од Националното биро за осигурување, кое има загарантиран фонд. Тие нагласуваат дека во случај на незгода со нерегистрирано возило не смее да се потпишува Европски извештај. Во таков случај, осигурителната компанија не ја покрива штетата. Лицето, чиешто возило претрпело штета од неосигурено и нерегистрирано возило, ќе мора по судски пат да го тужи лицето со кое се судрило.
Голем е проблемот и со нерегистрираните трактори. Од Националното биро за осигурување велат дека во 2011 година во земјава имало 52.000 трактори, мотокултиватори и друга земјоделска механизација. Од нив полиса за осигурување имале само 1.415 трактори. Нерегистрираните трактори во сообраќајните незгоди што се случиле во 2011 година, а што биле предизвикани од неосигурени возила, учествувале со 13 проценти од вкупниот број пријавени штети во Бирото, или 126 штети.
Во 2010 година биле поднесени 902 барања за рефундација на средства од гарантниот фонд поради штети од нерегистрирани возила, а во 2011 година таа бројка изнесува 976. Исплатената штета во 2011 година просечно изнесува 118.505 денари или 1.927 евра, а вкупната сума на прифатени штети во гарантниот фонд во 2011 година изнесува 125.852.455 денари или 2.046.381 евра.
Во 2012 година се бележи намалување на бројот на пријавени штети од нерегистрирани возила на 821. Просечно исплатената штета во 2012 година изнесува 138.994 денари. Гарантниот фонд, всушност, ги рефундира средствата на осигурителните компании за исплатени штети настанати од неосигурени возила, а потоа Националното биро во судска постапка води регресно побарување од сопственикот или возачот на неосигуреното возило.
Нема да регистрирам скутер за „низ маало“
Како главна причина за користењето нерегистрирани возила се наведува давачката за оваа услуга. Просечната цена за регистрација на моторно возило е 11.000 денари.
– Ќе дадам 11.000 денари за осигурување, а толку не можам да го продадам возилото што го имам. Вреди половина од тоа. А, потребно е да се има возило. Не можам да си дозволам подобар автомобил. Ама ете, тој што нема, повеќе дава. Па место 200 евра за регистрација, дадов двојно повеќе за казна – вели еден скопјанец, кој неодамна платил казна за управување нерегистрирано возило.
Во помалите места, особено во селата низ земјава, овој проблем е подрастичен. Во некои помали села речиси и нема регистрирано возило. Селаните велат дека го возат автомобилот до нива и назад, не излегуваат на големи сообраќајници, полицајците ги знаат, па им прогледуваат низ прсти. Но, сѐ почесто, токму поради ваквите ситуации, МВР прави прераспределба на полициската контрола, односно полицајците од еден град ги префрла во друг град. Во Штип во втората половина на 2012 година биле фатени 439 возачи што управувале нерегистрирани возила.
Голем проблем се и тие што управуваат нерегистрирани скутери. Тие сметаат дека нема потреба за регистрација затоа што се возат само „низ маало“.
– Неодамна имав сообраќајна незгода. Со автомобил удрив скутер, ми излезе ненадејно пред мене, немав време да реагирам и го турнав момчето. Сакав да повикам полиција, но момчето реагираше лошо, му се јави на својот татко. Излезе дека скутерот не бил регистриран. Го прашав човекот зошто дозволува детето да вози скутер што не е осигурен и регистриран, ми вели, е де, за овде-онде, низ маало нема да плаќам регистрација – раскажува еден наш соговорник, кој морал од џеб да ја плати штетата само за да не му направи проблем на младото момче.
Високи казни, празни џебови
Според Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата, моторните возила во сообраќај на пат може да учествуваат ако се регистрирани и имаат важечка сообраќајна дозвола. Ако сообраќајната полиција фати возач што управува нерегистрирано возило, му изрекува глоба од 300 евра. Казната за правно лице изнесува 480 евра.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Над 80 проценти од возилата ќе добијат црвена или жолта еколепенка
-
Со новиот закон се воведуваат еколошки налепници, еве како ќе се категоризираат возилата
-
Шлепер удри во возила на наплатна рампа
-
Пензионерите збунети и во паника: Не знаат ни компјутер да вклучат, а ќе треба електронски да се регистрираат!