Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, денеска го посети Министерството за животна средина и просторно планирање, каде од ресорниот министер Абдулаќим Адеми беше информиран околу статусот на имплементацијата на сите ангажмани на ова министерство и искористеноста на ИПА-средствата. Денешната е само една од серијата посети на Бесими на институциите вклучени во процесот на евроинтеграциите. Нивна цел е унапредување на координацијата заради подобра искористеност на ИПА фондовите, но и информирање за текот на реформите предвидени во Националната програма за прилагодување на законодавството на ЕУ-легислативата.
– Поглавјето 27 е едно од најголемите, но и најкомплексните. Тоа е и еден од секторите кои бараат повеќе инвестиции. Сметаме дека ваквите активности ќе дадат резултат во иднина, бидејќи наши најголеми предизвици се токму инвестициите во животна средина и тоа за пречистителни станици, канализациски мрежи и водоснабдување. Во овој контекст е и имплементацијата на законските одредби кои се однесуваат на т.н. интегрирани дозволи за заштита на воздухот во Република Македонија – рече Адеми пред средбата.
Според вицепремиерот Бесими, искористеноста на европските фондови во Република Македонија изнесува 37 отсто, според склучените договори.
– Ако се гледа според анализата на ЕУ од регионален аспект, споредбено со земјите што имаат децентрализиран модел на искористување на ИПА фондовите, ние сме некаде на просекот од регионот. Сепак, сметаме дека има потреба за подобра координација и оценуваме дека има простор за подобрување, затоа што сегашното ниво заслужува да биде на повисоко ниво. Со поголема координација можеме да бидеме поуспешни во искористеноста на ИПА-фондовите – рече тој.
Според него, во однос на искористеноста на ИПА-фондовите, МЖСПП е една од најзначајните и најголемите институции во делот на овие фондови. Од околу 600 милиони евра, колку што има актуелната ИПА-структура за Македонија за периодот 2007-2013 година, проектите што се вклучени во ова министерство изнесуваат 115 милиони евра
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.