Екипа на Конзерваторскиот центар – Скопје, утрово ќе направи увид на штетата што ја претрпеле осумте мурали од истакнатиот македонски сликар Борко Лазески во пожарот што ја зафати скопската главна пошта на 15 јануари годинава, дознава „Република“.
Во моментов никој не знае каква е нивната состојба и колкаво оштетување претрпеле препознатливите ѕидни слики во шалтер-салата. Од непознати причини, никој до пожарот не побарал фреските на Лазески да бидат заштитени како културно наследство, поради што немаше правна основа екипите на Конзерваторскиот центар да направат увид на оштетувањето. Во јавноста се врти шпекулација дека имало обид да влезат во поштата, но биле спречени од екипите на полициската крим-техника, за да не им попречуваат во истрагата и собирањето доказен материјал за пожарот.
По неколку денови недостапност за јавноста, директорот на „Македонска пошта“, Рафис Алити, синоќа се огласи за муралите, во изјава за емисијата „Код“ на телевизијата Канал 5.
„Мене ми е многу жал што изгореа муралите, но ние и така планиравме таа сала да ја затвориме, затоа што многу малку беше користена“, рече Алити во изјавата за „Код“.
Каква намера имала „Македонска пошта“ со шалтер-салата во иднина, допрва треба да се утврди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


