| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарскиот рапер од „Апсурд“ доби црн печат на македонската граница

Непристоен предлог од македонската гранична полиција добил еден од најпознатите бугарски музичари Ицо Хазарта од групата „Апсурд“ пишува бугарски Дневник . Пред два дена бугарскиот музичар заедно со три танчарки требало да настапат на концерт во дискотека во Виница, но наместо тоа биле вратени назад во Бугарија.

Според изјавата на раперот македонските цариници му удриле црн печат, под изговор дека не можат да бидат сигурни во целта на неговата посета. Но, вистинската причина според Хазарт, сепак е одбивањето да им даде поткуп пишува бугарскиот „Дневник“.

– Полицаецот ме праша каде одиме и зошто. Одговорив дека имаме концерт и дека еден дел од екипата поминаа пред околу еден час. Тој ме праша многу пари ли ќе заработам од концертот. Му одговорив дека најважно е концертот да помине добро. Потоа ме праша повторно многу ли пари заработуваме, како и дали брзаме многу. По ова прашање мојот одговор беше: “Нема да ти дадам пари” – изјави Ицо.

Во меѓувреме, тимот на издавачка куќа „Facing The Sun“ успеал да подготви копија од договорот и да го испрати, но цариникот објаснил дека немаат компјутер, туку само факс, но и дека не го знае бројот.

– Полицаецот дојде и рече дека не пристигнало ништо, и сигурно нема и да пристигне – ни удри по еден црн печат во четирите пасоши – раскажува Ицо Хазарта за бугарскиот медиум.

Ицо Хазарта и „Facing The Sun“ веќе поднеле жалба против активностите на македонските цариници и имаат намера да ги алармираат сите инстанци, за да не се повторуваат слични полициски самоволија во пракса, пренесуваат бугарските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top