Граѓаните може да добијат 9.200 евра за стан и 15.000 евра за изградба на куќа кои не треба да ги враќаат со измените во проектот „Купи куќа, купи стан“ што ги направи Владата. Измената ќе важи и за новите и за веќе земените кредити.
Според Министерството за финансии, новата поволност значително ќе го зголеми интересот за купување стан или куќа со финансиска помош од државата.
– Ова е животна шанса за оние кои имаат некакви, но недоволни средства да добијат значителна сума и да се стекнат со сопствен дом. Во случај на купување стан државата дава 50 отсто од учеството или 9.200 евра за кредит од 50.000 евра. За купувањето или изградбата на куќа, каде што државата покрива 75 отсто од учеството, корисникот добива 15.000 евра за кредит од 50.000 евра – велат од Министерството.
Моделот „Половина рата“ е исто така атрактивен ако се има предвид дека во тој случај корисникот на кредитот ќе плаќа поевтина рата за свој дом отколку за месечна кирија.
– Во „Половина рата“ за 50.000 евра кредит, ратата изнесува 330 евра од кои корисникот плаќа само 82 евра, а државата 250 евра во првите пет години. Сите тие што плаќаат кирија од 100 евра месечно, можат наместо тоа да плаќаат 82 евра рата и да изградат куќа или да купат стан – објаснуваат од Министерството за финансии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.