| четврток, 6 декември 2018 |

Македонци произведуваат лешник за познатиот „Нутела“ крем

nutella

Производството на лешници во земјава станува се поатрактивен агробизнис, пишува порталот Фактор.

Земјоделците се повеќе се интересираат за начинот на производство, набавката на садници, производствените трошоци и нормално заработката. Оние кои веќе се зафатиле со овој бизнис велат дека ако сериозно се посветите на производството, пласманот од лешници носи солидни приходи.

Сашо Крстевски од Скопје веќе втора година одгледува лешници. Почнал со 1.000 садници на површина од два хектари. Садниците ги набавил од Италија.

– Идејата за одгледување на лешници ја добив од роднини и пријатели кои што живеат и работат во Италија, а кои исто така се занимаваат со одгледување на лешници. Еден садник чини 3 евра (садникот е сертифициран за субвенции) и го набавив од Италија, вели Крстевски.

Лешникот цвета доста рано напролет, пред да разлиста. Се сади во доцна есен односно од 20 ноември до 10 декември. Садникот е едногодишен и истиот треба да пророди после втората година откако е засаден , а од 3-4 година ќе почне да го зголемува капацитетот на раѓање. Лешникот се бере еднаш во годината во Септември или Октомври. Најважно при подигнувањето на насад со лешници е изборот на сортата. Упатените во бизнисот велат дека треба да се одбере сорта која што при одгледувањето ќе бара минимум трошоци и ќе е барана на светските пазари. Засега таква сорта е италјанската Тонда џентиле де ла ланге, која се користи за производство на светски познатиот крем Нутела. Отпорна е на зимски мразеви и е многу родна и погодна за производство на македонско тло. Оваа сорта ја произведува и Крстевски, кој вели дека за разлика од другите сорти кои треба рачно да се собираат за што е потрбна дополнителна работна сила, оваа сорта паѓа од дрвото со едно протресување.

-Имам склучено договор со загарантиран откуп во Италија за фабриката Фереро, бидејки од оваа сорта Тонда џентиле де ла ланге се произведува Нутела кремот. Откупната цена зависи од берзата, моменталната цена на лупениот лешник е 5 евра, а на нелупениот е 2,5 евра за килограм.
За почеток за една солидна заработувачка и рентабилно производство, секој почетник би требало да започне со околу 1.000 садници. Еве како изгледа математиката на Крстевски и зошто лешникот е исплалтлив агробизнис:

-Овој семеен бизнис е и тоа како е исплатлив. Една проста матаматика, имам 1000 садници помножено со 10 евра од дрво е еднакво на 10 000 евра, а за мене таа цифра е задоволителна. Инвестицијата за 2 хектари мене ме чинеше околу 11 000 евра, со тоа што јас буквално немав ништо, почнав се од почеток, земав државно земјиште под концесија од 30 години, бидејки немав вода морав да бушам вода, пумпата за вадење вода е прилично скапа, немам никаква механизација за обработка на нивите, насадот ме чинеше 3000 евра. Но, се ова што досега сум го вложил ке ми се врати за 2-3 години, бидејќи лешникот држи добра цена и што е најважно е баран на странските пазари, објаснува Крстевски.

Токму затоа интересот од година во година расте. Италјанската компанија со која што соработува Крстевски, го овластила да биде нивни преставник за саден материјал во Македонија.

-Мислам дека во последниве неколку години има голем интерес за производство и одгледување на лешници. Откако Италијанците ме овластија за преставник во земјава, многу луѓе ми се јавуваат и сакаат да набават садници. Моите планови за понатаму се да засадам уште 3 хектари и со вкупно 5 хектари мислам дека ќе имам еден солиден бизнис за нашето семејство, вели Крстевски.

Турција, Италија, Грција и САД се најголемите производители на лешници. Сепак лидер во ова производство е Италија. Лешникот е дрво кое живее од 70- 100 години, а раѓаат плод раѓаат од 50-70 години. Според стручната литература, во полн род од едно стебло се добиваат 8-12 килограми. Во зависност од формирањето на круната, густината на садење, староста, сортата и агротехничките мерки, лешникот има род од 2,2 тона па до 3,6 тони по хектар.

Кон крајот на минатиот месец земјоделците од источна Македонија се запознаа со проектот „Лешник во Македонија“ кој е поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тогаш експертите од проектот посочија дека за помал насад и ако не се почнува од нула, инвестиција по хектар изнесува 2.500 евра, a се однесува за околу 50 садници за еден хектар површина, за што се  потребни  и 800 евра за обработка на почвата, сума која се рефундира преку субвенциите на Владата. Италијанските експерти кои беа повикани за проектот, им  го објаснија на земјоделците начинот на производство на лешници и бенефитот, бидејќи потребите на кондиторската индустрија за овој производ растат секојдневно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top