Јас потекнувам од Македонија. Јас сум Македонец и од моето македонското животно искуство имам неколку приказни, кои чувствувам потреба да ги раскажам. Условите за правење филм, барем за мене, не беа наклонети подолго време. Во меѓувреме се преселив во Канада, така што сега некако дојде период во кој се отвори можност да правам нов филм во Македонија. За мене е фасцинантен тој транзициски период во што ни се случува во последните дваесет години. Кога ние излегуваме од еден систем и се трансформираме во друг систем, со сите проблеми што ги носи тоа, од преиспитување на сопствениот идентитет како држава и нација, до преиспитување на себе си самите, географски припаѓаме во Европа, но не сме влезени во таа една западна дефиниција на Европа, трансформација на тој комунистичко-социјалистички систем во демократско-капиталистички пазар. Таа трансформација е многу драматична. Тоа е состојба во која некои луѓе, кои се дефинирале како еден тип, треба да се трансформираат и да станат друг тип луѓе. А многу е тешко некој што е научен и воспитан да живее во едно уредување, да се приспособи и да живее во друго уредување. Мислам во тој еден период, кога ја снема државата што постоеше претходно и требаше да се формира новата држава, деведесет проценти од луѓето беа збунети, не знаеја како понатаму, почнаа да се снаоѓаат, да преживуваат… Начините на преживување секојдневно ги читаме во весниците. Тоа се приказните што се многу драматични и мене ме инспирираат. Една од тие приказни е оваа за Лазар и за Тони, кои се од една фамилија што е под удар на таа транзиција, се трансформира и го трпи ударот на општествената промена и на внатрешната промена што се случува кај нив – вака македонскиот режисер Светозар Ристовски го објаснува своето враќање на македонската филмска сцена. Откако пред девет години во земјава го сними „Илузија“, тој се пресели во Канада. Сега, девет години подоцна, повторно се потпишува како режисер на нов македонски филм, овој пат „Лазар“.

Ристовски: Сакаме да ги допреме луѓето емоционално
Покрај Дејан Лилиќ и Ведран Живолиќ , во „Лазар“ се појавуваат и Наташа Петровиќ, Владо Јовановски, Тони Михајловски, актерите од Бугарија Красимира Кузманова и Александар Сано, хрватскиот актер Горан Навојец и Александра Балмазовиќ од Словенија. Директор на фотографијата е Дејан Димески, сценограф е Игор Тошевски, а костимографи се Катерина Колимбатовиќ и Невена Чакловиќ. Филмот е финансиски поддржан од Филмскиот фонд на Македонија со 500.000 евра, потоа од хрватскиот Аудиовизуелен центар, Националниот филмски центар на Бугарија, СЕЕ Синема нетворк, Аризона дистрибјушн и од европскиот фонд „Еуримаж“.Ристовски вели дека на средина од снимањето на филмот може да каже дека сѐ оди по план, без доцнења и сериозни проблеми. Во едно интервју нагласи дека се надева дека ќе стигнат до буџет од 1.200.000 евра. Иако таа бројка не е целосно исполнета, Ристовски успеал да стигне многу близу:
– Во моментов зборуваме за фиксиран буџет од 1.079.000 евра. Но, во однос на тоа што е практика за еден реален буџет во Европа и во светот, ова е нискобуџетен филм. Придвижуваме голема машинерија, имаме голем актерски ансамбл, имаме сцени со многу статисти, со каскадери, каскадери-нуркачи, сцени со возење, давење во река, снимаме на тешкопристапни локации. Повеќе од половина филм се снима ноќе. Духот во екипата е на високо ниво, сите се многу позитивни, секој си го одработува своето и сите снимања се завршени според планот. Јас сум многу задоволен како оди досега. Многу работи се тешки поради инфраструктурата. Кога една земја има развиена кинематографија има и развиена инфраструктура за правење филм, но ние не сме таква земја. Сепак, искуството е многу позитивно и многу сум им благодарен на институциите, како на Владата, МВР, Министерство за култура, така и на градоначалниците на општините каде што снимаме. Сите се позитивно наклонети и се чувствуваме добредојдени. Ако ни треба помош од некоја служба додека работиме, постои позитивна клима за помош. Снимавме на Козјак, имавме паркирано по патот камиони, агрегати… изгледаше како инвазија на Нормандија, како Втора светска војна. И ќе беше тешко ако немавме некаква поддршка од населението – вели Светозар, кој по завршените снимања во Скопје и во околината и во кањонот во Демир Капија екипата ја сели во Штип, за потоа да се направат последните сцени во Софија.
Неговите процени се дека монтажата на филмот би завршила до крајот на оваа или на почетокот на следната година. Бидејќи е филм финансиран од повеќе страни ќе треба да се усогласат како ќе се пласира понатаму. Светска премиера ќе има некаде на почетокот на следната година, а потоа секоја држава ќе си прави премиера во согласност со процените кога е најдобро за тоа.
– Филмот е комерцијален продукт и нормално е рекламната кампања да го следи и да се прави врева околу снимањето на филмот. Но, јас не сум таков како човек, да се пласирам и да се наметнувам. Мене филмот ми е смисла на живот. Битен ми е продуктот, ако направиме добар филм, тој ќе си го најде патот и ќе стигне таму каде што треба да стигне. Се надевам дека филмот ќе постигне ефект кај сите што го гледаат, емоционално да ги допре луѓето. Реално, таа публика кај нас е до 50.000 гледачи, кои и без многу помпа ќе знаат дека во земјава се снима филм – вели тој одговарајќи на прашањето зошто не се крева премногу врева околу снимањето на „Лазар“.
Со Ристовски и со неговите главни актери Дејан Лилиќ (Тони) и Ведран Живолиќ ( Лазар) разговаравме во сабота, единствениот слободен ден во неделата на филмската екипа. Расположени, отворени, досетливи… Живолиќ и Лилиќ се запознале пред еден месец, на кастингот на филмот. Денес ќе речете дека се знаат со години. Интерни шеги, дополнување на мисли… Живолиќ раскажува како слушнал за актерските квалитети на Лилиќ:
– Не знаев ниту еден актер од земјава. Пред одење на изборот на актери го гледав филмот „Илузија“ и бев одушевен од начинот на размислување и од пристапот што го има Светозар. Многу ми се допаѓа Владо Јовановски како актер и како ја одигра улогата во тој филм. А во авион, додека патував кон Македонија, ми го посочија Дејан Лилиќ. Случајно се погоди до мене да седи вашиот режисер Дејан Пројковски. Ми рече дека има еден многу добар актер од Македонија, кој е директор на нашиот театар. И потоа на изборот имав среќа и него да го сретнам.

Се слушнаа негодувања зошто главниот лик е Хрват. Светозар Ристовски вели:
– Кога се пишува лик се пишува карактер, кој треба да изгледа физички така како што е замислен, да има капацитет, интелегенција за камера, да може да го долови ликот од хартија на платно. Сите актери се избрани по тоа да одговараат на ликот што го играат. Една од најбитните компоненти е ликовите да одговараат на ликовите што се напишани и меѓусебно да се создаде некоја хемија. Ведран одговара идеално за ликот на Лазар, како што Дејан е за Тони, Наташа за Катерина. Мислам дека треба да имаме на ум дека нити филмот е локален, ниту режисерот е локален, ниту ние треба да бидеме локални. Треба да се свртиме кон надвор и да имаме интернационални, регионални продукти.
Ведран во филмот го глуми Лазар, момчето родено во Штип, кое се соочува со проблемите на транзицијата. Смета дека ликот на Лазар е многу универзален:
– Случајно ѕвездите се погодиле тој да биде роден во Штип. Можел да се роди и во Бостон, Јоханенсбург. Тоа не е приказна што ја носи од местото каде што е роден. Тоа е приказна што ја носи во себе, со потреба да се издигне над ситуацијата во која се наоѓа. Чувствува енергија од другите луѓе и во себе ја препознава потребата да биде поголем од тоа во кое се наоѓа. Ликот е прекрасен, со многу емоции. И не само Лазар. И Тони и Мики и Катерина… сите ликови. Реткост е, дури и во театар, да се видат толку осмислени ликови со толку емоции и простор да го покажат целиот свој живот. И ти оставаат можност да видиш каков е тој живот и да размислиш каков би можел да биде.

И Лилиќ е фасциниран од тоа како Ристовски го претставил ликот на Тони. Тргнува со истата теза, се работи за универзален лик, кој е како земја во транзиција, падни-стани, во еден миг кога мислиш дека ги имаш вистинските решенија се покажува дека тие решенија не се добри…
– Од тие решенија се вади, се препелка цело време во својот сив живот, во транзициските проблеми што ги има. Човек што е технолошки вишок, отпуштен од работа , со свои лични и фамилијарни проблеми, проблеми што ги носел од детството, се обидува да воспостави ред во својот живот, типичен за еден македонски човек. Од друга страна е и многу нетипичен. Не дека е лажго, криминалец, не дека е човек што сака да живее на несреќата на другите, туку, веројатно, животот го натерал така. Животот го тера условно да гази по трупови, да прави работи што може да бидат и на шета на другите. Од една страна, можеш воопшто да не го оправдаш, а од друга стана можеш и да го оправдаш. Емоционално е како струја, синусоида, горе-долу. Многу често го менува расположението. Постојано е со некакви мисли во глава, планови, математика, а материјалот што го има, за жал, не му е голем. Постојано црпи средства од други. Човек од мало место, од мал град, кој може да е сместен во Македонија или во која било друга земја. „Лазар“, генерално, е универзален филм. Ликовите нема да поминат само во Македонија, туку ќе бидат препознаени во поголемиот дел од светот – вели Лилиќ, Светозар надополнува:
– Тони е добар човек ставен во лоша ситуација. Нема ниту еден лош лик во филмот, но сите се ставени во една борба за преживување. Цело време донесуваат одлуки во моментот и потоа детектираат што направив, каде сум и никој не тргнува од некоја негативна позиција. Едноставно, негативните ситуации им ги наметнува животот и се обидуваат да испливаат на површина.
Јазикот не е пречка
На младиот хрватски актер ова му е прва поголема филмска улога. Во својата земја е веќе докажан театарски актер, а, како што вели, благодарение на одличниот тим со кој работи, лесно се снаоѓа и во својата прва филмска улога иако не зборува на својот мајчин јазик.
– Од сите можни страни ми се олеснува работата, како од продукциска, така и од режисерска и од актерка страна. Се чувствувам проклето заштитено и сигурно, не како да сум дома, во мајчината прегратка, туку како да сум во некое гнездо каде што сите многу работат со мене и за мене, ме чуваат, ми даваат некој ветар во грб за оваа улога да биде добра, да не се почувствува дека сум странец на кој македонскиот јазик не му е мајчин. Моја голема желба е луѓето кога ќе го погледнат филмот да помислат овој актер е Македонец. Јазикот секогаш е проблем, ти треба некоја милисекунда за да преведеш на својот мајчин јазик. Но, имав среќа да бидам опкружен со прекрасни луѓе, кои ми помагаат да ја премостиме таа пречка, текстот го поминавме многу пати, работевме на сцена, што дури и не чувствувам притисок дека тоа е мојот мајчин јазик – вели Ведран.
Тој е задоволен од начинот на работа и, пред сѐ, му е благодарен на Ристовски за доброто сценарио и за одличната можност и доверба што му ги дал со изборот тој да биде Лазар.
– Научив многу од него. Свето и јас ја работевме улогата на Лазар, Свето и Дејан на Тони, задно ги работевме сцените со Лазар и со Тони.
На ова Лилиќ додава:
– Нема никаква суета меѓу актерите и режисерот, меѓу луѓето што работат на филм. Напротив, кажуваме што е добро што не, гледаме како да се направи подобро. Има сцени кога заедно создаваме ликови, едни со други се мотивираме. Тоа ќе остане врежано со нас. Кога ќе го гледаме филмот ќе имаме добри спомени, ќе сакаш да работиш со тие луѓе и понатаму и сакаш да останеш во приватна комуникација со нив.
Ведран надополнува:
– Опкружени сме со многу добри луѓе. Со Дејан, Горан и со Наташа изградивме добар однос, уживаме во работите и полека почнувам да се плашам од тој 15 август кога тој наш живот ќе заврши и ќе мораме да се вратиме во суровата реалност, која не се вика Македонија и седми -осми месец снимање на Лазар.

Филм што ќе ни удри шлаканица
На Лилиќ ова му е прва главна улога во македонски филм. Го видовме во руската „Измена“, го снимаше за италијанско-англиска продукција филмот „Индекс нула“, а само еден месец по снимањата за овој филм му се случува „Лазар“. Вели, да не беше Свето, можеби, немаше да ја имам ниту оваа улога во македонски филм.
– Целиот проект и од продукциски, и од уметнички и од организациски аспект изгледа како моќна странска екипа. Воопшто не мириса на евтина продукција. Не знам, не сум снимил друг филм во Македонија, ама ми се чини ептен светски. Интересно е како доаѓаме до сите решенија и како работи Свето со нас. Со Ведран постои оној флуид што треба да го чувствуваш за да има добри сцени. Тешко е, нема лесна сцена за снимање, сите сцени бараат голем внатрешен ангажман, ама, од друга страна, до сите решенија доаѓам на многу убав, спонтан, креативен и природен начин.
Како Лилиќ стана Тони? Вели, најнормално ме викнаа, бев на кастинг, направивме неколку кастинзи и ми јавија дека ќе бидам дел од филмот. Ристовски, пак, надополнува:
– Во период меѓу „Илузија“ и овој филм два филма ми оставија впечаток: „Измена“ на Серебреников со Лилиќ, и бев одушевен од улогата на Лилиќ, и „Како да не сум тука“ со Наташа Петковиќ. Тоа беа двајцата актери што ги доживеав како сериозно зрели за сериозно големи улоги. Не дека тоа беше пресудно Дејан да ја добие улогата, поминаа многу кастинзи, размислувања, имаше алтернативни актери за секоја улога и некако до последен момент не се знаеше кој ќе биде. Среќен сум што сега ја имам таа актерска екипа. Интересно е што приказната на Дејан е да се прослави прво надвор, па во своето село.
Лилиќ смета дека ова е филм што кај гледачите ќе предизвика многу размислувања, по гледањето ќе ги натера да размислуваат што би направиле тие во таква ситуација. Во еден момент ќе го оправдаат чекорот на Тони или на Лазар, во друг момент ќе го критикуваат и ќе кажат може тоа не е добро, исто како што ликовите размислуваат дали е добро тоа што го направиле.
– Работите во филмот ме вознемируваат како човек. Снимаме, завршува клапа, седнуваме со екипата и дебатираме, почнуваме како луѓе да размислуваме за тоа што е напишано во сценариото и за тоа што ни се случува. Тоа трае во тебе, нѐ менува како луѓе, ова ќе биде добра шлаканица за сите што го гледаат, пред сѐ ќе ги измени погледите кон светот и кон тоа што им се случува на другите околу нас. Ќе нѐ направи добри луѓе – коментира Лилиќ.
Разговараше: Билјана Зафирова
Текстот е објавен во 47. број на неделникот Република
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура


