| четврток, 6 декември 2018 |

Александар Стиков, гласот кој не се заборава

Се договоривме кај Ѓутла, на пладне. Таму му е друштвото, не само генерациско, а подеднакво расположено за разговор до жолчна полемика околу се и сешто, од која и да е област, време, место. Роден е во Штип, ама само за во лична карта, бидејќи е скопјанец од глава до петици. По зборувањето, однесувањето, духот кој го носи во себе и го негува. А најпрепознатлив е по гласот.

OI Atina 2004

Тој е вистински бард на македонското спортско новинарство. Тоа е Александар Стиков, радио репортер, новинар, уредник, другар, учител на многу генерации новинари, кој целиот работен век од 42 години го мина во Македонското радио. Повеќе од една година е во пензија и се уште се привикнува на ситуацијата, под  мотото „ Движи се, но и дружи се“. Нема континент на земјината топка на кој не бил, благодарение на професијата. – Да го сакаш, да му припаѓаш на спортот од најрана младост,  згора и да станеш спортски новинар, тоа за мене беше прекрасен и професионален и воопшто, животен спој – вели Стиков.

OI Peking 2008

Во својата богата репортерска кариера ги следеше ракометарките на Кометал Ѓорче Петров на патот до европската  титула, беше со најдобрите македонски фудбалери на првиот нивни настап во Крањ, го одбележа нивното легендарно реми во Саутемптон, како и рекордната победа во Вадуц. Неговите особени репортерски остварувања се врзани и за настапите на македонските спортисти во некогашната југословенска конкуренција и тоа пред се на фудбалерите Вардар кои во 1987 станаа државни прваци и учествуваа во Купот на европските шампиони.

Press so Zak Rog

– Како репортер и тоа колку важно ми било да го задржам вниманието на слушателот, и посебно да го „држам на штрек“ во највозбудливите и решавачки моменти. Во радио-преносот вие сте фактички негови очи и уши, вие треба да му ја доловите што е можно посоодветно сликата на теренот. А за тоа се потребни: посебна подготовка за секој настан, што подобро познавање на актерите и нивната тактика, следење на акциите со јасна мисла и дикција во реална динамика и што е најбитно, во секој миг и под секаква околност, сево ова да се одвива под еден, единствен, именител, а тоа е објективноста.  Е сега, условите за работа не се секогаш поволни. Може и дожд да ве лие и ветар дува, и да ви пукаат петарди под нозете или зад грб да трешти оркестар и што ли уште не, но концентрацијата на теренот не смее да ви попушти“ извлекува од своето репортерско искуство Стиков.

Тој не ја исклучува можноста еден ден се она што го јавувал, пишувал, посебно, за олимпизмот, да го систематизира во едно дело. Во моментов е без некаков ангажман, но секаде би помогнал ако е потребно неговот умеење и  искуство. Во меѓувреме, освен дружењето кај Ѓутла, ужива во прошетките и патувањата со сопругата Елисавета, професорка на медицинскиот факултет во Скопје, а одвај чека внукот Александар да потпорасне за да може да го “регрутира“ во спортот. Тој е горд татко на Никола, кој е првиот Македонец кој дипломирал на Стенфорд, за потоа како електроинженер да магистрира и да докторира на  овој светски познат  универзитет.

Redakciski sostanok

Најслушан пренос:   Динамо( Букурешт) – Вардар

Александар Стиков зад себе има шест Летни и едни Зимски олимписки игри и многу повеќе  европски и светски првенства. Фудбалските преноси му се прва и најголема љубов, но неговиот глас се слушаше и од ракометните, кошаркарските и одбојкарски терени. На Радиото пренесуваше  и бокс, борење, атлетските натпревари, скијање,  скокови…

–       Секој пренос е драг, поинаков од претходните и кога станува збор за ист спорт и исти противници. Впрочем, секоја средба има свој специфичен тек и најдиректно влијае и врз репортерот и врз слушателот зависно од исходот. Добрата игра, поволниот резултат, го прават поприемчив преносот, дури и  грешките се забораваат, а останува споменот на победата ,триумфот.  Завршниот дуел на Кометалки против Херц кога со 26:22 станаа континентални шампионки има посебно место во моите тонски записи. Потоа тука се преносите од  првиот меч на нашата фудбалска репрезентација во Крањ против Словенија 4:1, па рекордните 11:1 против Лихтенштај во Вадуц и големите 2:2 со Англија во Саутемптон.  Но, велат, дека можеби еден од најубедливите, најслушани преноси е оној од Букурешт 1985, иако Вардар загуби од  Динамо со  2:1. Тоа беше средба од 1. коло во Купот на УЕФА кога Вардар, по четврт век, повторно  излезе на евро-сцената. Рингов го постигна тој драгоцен гол на гости, за во реваншот и со 1:0 да биде елиминиран романскиот претставник. Инаку, јас лично не сум начисто кој е мојот најдобар пренос, па  го „бркав“ се до последниот, од фудбалскиот натпревар Македонија – Русија, вели Стиков.

Поважни награди

Признанијата годат. Секое си има своја вредност без оглед кој го доделува и по каков повод. Сепак, од оние што ја сочинуваат збирката на Стиков ги издвојуваме: Трофеот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) „ Спортот и медиумите  “; Плакетата на МОК за особен придонес во разојот на олимпизмот и спортот во Македонија; Наградата 13. Ноември на градска СОФК-а; Новинар на годината во избор на ФФМ; Спортско перо на 20 .век според СКОК; Гран-при на Фестивалот на Југословенското радио во Охрид за преносот Вардар – Ц.Звезда реализиран со колегите Гоце Сипковски и Огњан Герасимовски. Од повеќето награди во матичната  куќа МРТ,посебна вредност има онаа што на Стиков му е доделена за покривањето на ОИ во Сеул 1988 кога оствари 26 преноси и околу 230 јавувања на програмите на Македонското радио. Во овој избор на признанија,секако, влегува  и , „Златна бубамара“ за животно дело.

IOK trofej, Sportot i mediumite 2004

Zlatna buba mara za zivotno delo

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top