Според резултатите, таа се уште е една од најдобрите пливачки во Македонија, дел од нејзините државни рекорди не се соборени, има резултати зад себе на кои може да се гордее, како на пример 4. место на Европското првенство во Берлин од пред десет години. Учестуваше на две Олимпијади, онаа во Атланта 1996 година и во Сиднеј 2000 година. Дел е од прекрасната генерација македонски пливачи кои со гордост ја преставуваа Македонија на големите натпреварувања.
Мирјана Бошевска (31) веќе 18 години живее во САД, а од неодамна е и официјално американски државјанин. Од пред четири години е мажена за Брајан Хаделстон, чие презиме го носи сега. Засега немаат деца. Членка е на алеата на славните на универзитетот Вирџинија, беше единствениот странец прогласен за најдобар пливач на Источната конфренција на САД. Дипломираше психологија на истиот универзитет. Сега работи како генерален менаџер на фитенс-центар. Ретко доаѓа во Македонија, посебно по несреќата во која нејзините родители трагично го загубија животот. Животот и е во САД, таму е сестра и Весна, таму се и внуците.
– Животот сега ми е во Америка. Сестра ми Весна живее тука. Имам внук и внука кои ги обожавам и тие се тука. Не верувам дека би се вратила да живеам во Македонија, но сигурно ќе ја посетувам – вели Бошевска во интервјуто за неделникот „Република“.
Твоите родители несреќно го загубија животот во пожар во станот во кој живееја. Ти веќе неколку години живееше во САД кога се случи трагичниот настан. Имам чувство дека не сакаш да се појавуваш во јавноста по тој немил настан и дека целосно се повлече заминувајќи во САД. Сега имаш и американско државјанство. Размислуваш ли да се вратиш во Македонија некогаш и да ги пренесеш своите знаења овде?
Бошевска: Јас никогаш не се чувстував природно како јавна личност. Меѓутоа да, беше полесно да се повлечам по несреќата на мајка ми и татко ми. Јас бев во Македонија можеби една недела пред несреќата, имав некои проблеми со обновувањето на визата и останав подолго од планираното. Сега ми е драго што успеав да поминам неколку недели повеќе дома со родителите. Македонија не е во моите планови за живеење, но сигурно ќе ја посетам.
Се уште си една од најдобрите македонски пливачки, иако одамна не се натпреваруваш. Сопственичка си и на неколку државни рекорди кои стојат запишани во историјата на македонското пливање. Како ја коментираш ова состојба?
Бошевска: Се разбира дека ми е мило што сум сопственичка на неколку македонски рекорди, но сепак, рекордите постојат за да бидат соборени. Се надевам дека наскоро во македонското пливање ќе се појави нова ѕвезда која ќе ги надмине тие рекорди.
Твоето име е синоним за успешен спортист во Македонија кој само со труд и макотрпна работа и несебична помош од родителите ги постигнал сите спортски и животни успеси. Зад себе имаш и две учества на ЛОИ, во Атланта 1996 и во Сиднеј 2000 година. Како ти изгледа оваа од денешна персектива?
Бошевска: Апсолутно, вредеше се. Секој тренинг, секој натпревар, се она што можеби го мразев додека пливав. Мислам дека понекогаш е тешко да сфатиш како спортист што си постигнал и како си дошол до резултатите. Додека се занимаваш со спорт, тоа е секојдневие – како да одиш на работа. Често пати не ни размислуваш за тоа колку време си поминал во вода, колку многу време е тоа во споредба со сите други работи кои си можел да ги правиш. Сега, во постари години и подолго време одалечена од спортот, сето тоа многу повеќе го ценам. И не само тоа што јас сум го постигнала, туку и сето тоа што другите околу мене морале да направат – моите родители, сестра ми, роднини, тренери. Успех во кој било спорт, покрај телент, напорна работа, можност за тренинг или напредување не се секогаш гаранција дека ќе бидеш најдобар во тоа што го работиш. Поддршката од најблиските е исто така многу важна. Имаше денови кога едноставно сакав да се откажам и го мразев пливањето и тренерите. Верувам дека многу други спортисти минувале низ вакви кризи. Меѓутоа, не би променила ништо. Пливањето ме прошета низ целиот свет, ми даде здравје, ме научи како да биде дисциплинирана, како да го планирам денот за да постигнам се што треба. Практично, пливањето ме подготви за животот после пливање.
Дел си од Алеата на славните на универзитетот Вирџинија. Беше првиот, а можеби и се уште единствениот странец прогалсен за најдобар пливач на Источната конфренција на САД. Беше избрана за најкорисен студент (МВП) во 2002 година, за највреден работник во 2000 и 2002 година, за најдобар тренер во 2003 година. Добиваше награди и стипендии. Како ти успеа сево ова?
Бошевска: Единствено со макотрпна работа и волја да бидам подобра пливачка од година во година. Пливањето, а поточно тренинзите не се најзабавни. Мораш да тренираш толку многу за да го подобриш резултатот за секунда или помалку. Додека пливав за Универзитетот Вирџинија тие ми беа најзабавните години во спортот. Дел си од голем тим и сакаш да се подобриш, не само за себе, туку и за целиот тим. Сега, во оваа фаза од животот тој дел ми недостига.
Дел си од прекрасната генерација македонски пливачи заедно со Наташа Мешковска, Кире Филиповски, Александар Миладиновски, Весна Стојановска, Зоран Лазаревски… Повеќето од нив, како и ти, ја одбраа Америка за да ја продолжат професионалната кариера и приватниот живот. Имаш ли контакт со нив?
Бошевска: Имам контакт со Миладиновски, ама претежно деновиве преку Фејсбук. Наташа исто така ја следам на социјалната мрежа и гледам дека се уште е многу вложена во спортот, што е одлично.
Кои се твовите планови за во иднина? Вклучена ли е Македонија во нив?
Бошевска: Сигурно дека во иднина ќе ја посетам Македонија повторно. За планови – немам конкретни. На работа сум доста зафатена, ми се допаѓа тоа што го работам. Последниве девет години работам во локален фитнес клуб. Почнав повемено со давање часови по пливање и работев како тренер на мал пливачки клуб кој е дел од центарот. Сега сум еден од менаџерите во центарот. Заедно со сопругот многу сакаме да патуваме, па се надевам дека ќе ја посетиме кога сме во можност. Инаку, сопругот Брајан Хаделстон го запознав во спортскиот центар каде што работам. Во брак сме четири години, немаме деца и засега не се во план.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Миа Крстевска е новата шампионка во 200 метри грбно и освојувач на златен медал во Белград
-
Македонските пливачи подготвени за ЕП во Копенхаген
-
Голем срам на Олимписки базен – децата плаќале по 3 евра од трка, а резултатите биле објавувани на чаршави!
-
Дванаесет годишната Миа сруши државен рекорд во пливање