Без разлика од видот на кредитот и дали станува збор за станбен или за потрошувачки кредит, скопјани и охриѓани се најзадолжени кај банките, пишува „Нова Македонија“.Податоците на Народната банка на Македонија покажуваат дека околу две третини од долгот на домаќинствата за речиси сите типови кредитни производи се концентрирани во пет општини.
„Сите кредитни производи ги вклучуваат градот Скопје и општината Охрид, додека другите три општини се разликуваат во зависност од кредитниот производ. Односно, по основа на станбени кредити спаѓаат и Битола, Струмица и Тетово, за потрошувачки кредити – Битола, Тетово и Штип, за кредитни картички и негативни салда по тековни сметки – Битола, Прилеп и Штип, а за автомобилски кредити – Битола, Тетово и Гостивар“, се вели во извештајот на НБМ.
Лани вкупниот долг на домаќинствата кон банките изнесувал 89,3 милијарди денари или 1,45 милијарда евра и на годишна основа се зголемил за 4,57 милијарди денари. Податоците на НБМ покажуваат дека кредитите од банките во износ од 83,9 милијарди денари зафаќаат најголем дел од вкупниот долг на домаќинствата и се главен двигател на неговиот пораст.
Дури 72,3 отсто од вкупната задолженост на домаќинствата отпаѓа на потрошувачки кредити, автомобилски кредити, пречекорувања на тековни сметки, кредитни картички и други кредити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


