Цените на мало во јули годинава паднале споредено со претходниот месец, а има зголемување во однос на јули лани. Иста е ситуацијата и кај трошоците на живот. Статистиката покажува дека цените на мало во јули биле пониски од претходниот месец за 0,8 проценти, а трошоците на живот за 1,1 процент. Во однос на ланскиот јули, пак, цените на мало се повисоки за 2,5 проценти, а трошоците на живот за 4 проценти.
Намалувањето на трошоците на животот од 1,1 отсто се должи на пониските индекси на зеленчукот за 20,2 отсто, овошјето за 2,4 отсто, преработките од млеко за 0,6 отсто, мастите за 0,5 отсто и месото и рибата за 0,3 отсто. Во јули е забележано намалување кај електричната енергија за домаќинствата за 4,5 отсто, авионскиот превоз на патници за 4 проценти и обувките за 0,4 отсто. Пораст на индексот на трошоците на животот во јули 2013 година, во споредба со претходниот месец, има кај алкохолните пијалаци за 7,7 отсто, свежото и киселото млеко за 1,8 отсто, јајцата за 0,8 отсто и преработките од риба за 0,4 отсто.
Пораст на индексите на трошоците на животот е регистриран и кај течните горива и гасот за домаќинствата за 2,1 отсто, лековите за 0,9 отсто, пијалаците во рестораните и хотелите за 0,7 отсто, нафтените деривати за 0,6 отсто, туристичките аранжмани за 0,5 отсто, конфекцијата за домаќинствата, електричните апарати за домаќинствата и средствата за хигиена за 0,4 отсто, сообраќајните средства и трошоците за одржување на автомобилите за 0,3 отсто и садовите и приборот за домаќинствата за 0,2 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


