На четвртата вечер на фестивалот „Џазибар“ во Краљево, Влатко Стефановски и Јован Маљковиќ со бендовите ја воодушевија публика на преполниот плоштад „Свети Сава“, пренесуваат српските медиуми.
– Одамна краљевчани не дочекале некого со толку желба, носталгија и енергија, како легендарниот македонски и југословенски гитарист Влатко Стефановски – се наведува во соопштението на организаторот, каде што се потенцираше дека атмосферата ги инспирирала и музичарите кои во овој град не настапувале повеќе од две децении, па приредиле двочасовен концерт, кој долго ќе се памети.
Планираниот дел од концертот е завршен со ефектен настап со Градскиот гудачки оркестар и со обработка на песната „Учи ме мајко, карај ме“.
– Верувам во крилатицата дека убавината и уметноста ќе го спасат светот. Покрај сите економски, политички и социјални проблеми низ кои поминуваме, музиката и културата секогаш биле утеха за нашите изгладнети души – изјави Стефановски за тамошните медиуми.
Овогодишниот интернационален џез-фестивал „Џазибар“ во Краљево се одржа по трети пат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.