| четврток, 6 декември 2018 |

Каде се експратениците Ѓулистана Марковска, Флора Кадриу, Војо Стојановски, Ганка Цветанова, Благојa Ханџиски?

 Ѓулистана Марковска, Флора Кадриу, Војо Стојаноски, Ганка Цветанова и Благој Ханџиски се дел од експратениците, кои собраниските фотелји ги заменија со своите примарни професии. Тие за „Вечер“ откриваат што работат сега и дали имаат желба повторно да се занимаваат со политика.

ganka

Ганка Цветанова: Не би се вратила во политиката

Поранешната министерка за култура Ганка Цветанова вели дека нема да ѝ се врати на политиката.

– Во моментов сум професор на Институтот за социолошки и за политичко-правни истражувања и раководител на одделот за културолошки студии. Се занимавам со научно-истражувачка дејност и, најискрено, не ми недостига и не би се вратила во политиката – вели Цветанова.

blagoja handziski

Благоја Ханџиски: Додека бев во политиката сакав да ѝ се вратам на професорската функција

Амбасадорот во македонската амбасада во Бугарија Благоја Ханџиски е задоволен од својот професионален ангажман во моментов. Додека бил министер за одбрана и за надворешни работи, открива дека си ја посакувал својата професорска функција. Додека извршувал партиски функции и бил пратеник два мандата во Собранието, открива дека не се откажал од своите студенти.

– Целиот работен век го поминав на Факултетот за електротехника и за информатичка техника во Скопје, и бев многу задоволен затоа што работев со млади, културни, интелигентни и амбициозни луѓе. Многумина од нив денес се директори на многу успешни компании или професори на некои од најпрестижните светски универзитети. Додека бев министер, и амбасадор во Грција, сакав што поскоро да си се вратам на професорската функција – вели Ханџиски за „Вечер“.

gulistana

Ѓулистана Марковска: Би се вратила во политиката

Ѓулистана Марковска во два мандата била пратеник во Собранието, првиот пат во периодот од 1991 до 1994 година, како дел од тогашниот Сојуз на реформски сили, и вториот пат од 1998 до 2002 година во тогашната ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски. Марковска веќе осум години има сопствена очна ординација „Оптикус“, а медицината е нејзина прва љубов. Во изјава за „Вечер“ вели дека не ѝ недостига пратеничката фотелја, но признава дека ѝ недостига политиката.

–       Уште на крајот од мандатот реков дека ќе си се вратам на мојата професија, специјалист по очни болести. Во политиката имам подолг стаж отколку во здравството и, на некој начин, ми недостига тоа, со оглед на тоа што во политика сум од 14 година. И покрај тоа што ова е помирна професија, јас би се вратила во политиката, но не сум сигурна дали како пратеник – вели д-р Марковска.

flora kadriu

Флора Кадриу: Ако имам шанса би размислила да се вратам во политиката

Во 2008 година се збогува од штиците што значат живот и преку Нова демократија на Имер Селмани доби доверба од граѓаните да седне во собраниското столче. Флора Кадриу по две години откако ѝ заврши мандатот со задоволство зборува за повторното враќање во театарот.

–       Во моментов работам на еден проект во кумановскиот театар, албанска драма. Повторно си се вратив на своето, актерството е мојата професија. Еден период не бев ангажирана, но тоа воопшто не ми пречеше бидејќи тогаш целосно се посветив на докторатот и сега сум доцент на отсекот политички науки. Работам и на драмскиот проект „Вештерките од Салем“ – вели Кадриу и нагласува дека ѝ годи дружењето со старите колеги, и покрај тоа што на моменти, како што вели, ѝ недостига Собранието.

Ако некогаш нешто научив во политиката тоа е никогаш не вели „не“. Доколку имам повторно шанса, би размислила дали ќе се вратам во политиката. Сепак, никогаш не се знае, навистина не знаеме кои се нашите животни предизвици.

vojo-stojanovski-480x350

Војо Стојановски: Пратеничката функција ми е најголема грешка

И пејачот на народни песни Војо Стојаноски го паметиме како пратеник. Од денешен аспект, тој смета дека пратеничката функција е негова најголема грешка.

–       Мислев дека можам да направам нешто за естрадата и затоа станав пратеник, но видов дека ништо не може да се направи. Влегувањето во политиката, можеби, беше грешка, загубив десетина добри турнеи поради мандатот. Да се вратам во политика – веќе никогаш, Господ нека им е на помош на овие пратеници денес – вели Стојаноски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top