
Рано наутро откако се разбудивме и појадувавме, тргнавме од Тетово кон Богомила. Стигнавме во Богомила, ручавме и одморивме до 16 часот.

Од Богомила тргнавме околу 16 часот, температурата сѐ уште беше многу висока. Сепак, тргнеме со силна мисла кон нашата наредна дестинација – Стровија и остварување на нашата цел навреме да пристигнеме во Крушево. На пат кон Стровија денес патувавме многу напорно, патувавме преку планини, патот беше едвај прооден и многу стрмен, се среќававме со дрвја, камења, грмушки, а некаде моравме и да се симнеме од коњите и да одиме пеш, затоа што и коњите беа преморени. За првпат нашиот марш се соочи и со дожд кој за нас беше како освежување, а воедно и за момент го почувствувавме и планинскиот свеж мирис. По напорното искачување низ планинскиот предел, наидовме на една преубава глетка на Пелагониската Котлина, која за миг нѐ натера да заборавиме на целиот замор и да се почувствуваме горди од нашата преубава Македонија.

По напорниот пат, стигнавме во Стровија. Навистина мало село, а полно со природна убавина. Селото брои околу 20 мештани и сите нѐ пречекаа со насмевка на лицето и ни посакаа топло добредојде.

Исто така, нѐ пречека и градоначалникот на Општина Долнени – Боше Милошевски, којшто беше придружуван со луѓе од соседните села и градови.
Откако стигнавме, се сместивме, се одморивме и сите заедно со градоначалникот положивме цвеќе на големиот бетонски крст кој се наоѓа таму и претставува голема гордост на мештаните.
Ја посетивме и малата црква „Св. Никола“ и запаливме свеќа за здравје на сите МАКЕДОНЦИ и добивме божји мир во нашите срца.

Таму ја запознавме и деведесетгодишната баба Паца, која срдечно нѐ пречека со топла прегратка и солзи-радосници. Таа е жената што долги години го гради и чува црквичето „Св. Никола“ и низ солзи ни ја раскажа нејзината судбина, која ја доживеала пред триесетина години . Таа била затворена и не ѝ било дозволено да ја доизгради црквата. Но, и покрај сѐ, денес црквата стои гордо изградена.

Овде вечеравме и остануваме да преноќиме, а рано изутрина тргнуваме со нови сили кон Кривогаштани, за на полноќ конечно достоинствено да влеземе во СЛАВНОТО КРУШЕВО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


