– Многу луѓе мислат дека сум Русин, меѓутоа јас сум Македонец – вака Кевин Кузманов, американски играч на бејзбол со македонско потекло ја почнува својата приказна. Триесет и едногодишниот Македонец, роден во Њупорт Бич во Калифорнија, е третата генерација Македонци доселени во САД. Но, иако никогаш не бил во земјава, не го заборава своето потекло. Постојано на американските медиуми им посочува дека е Македонец, поради што е познат под псевдонимот Македонска машина.
Успешниот спортист растел во Евергрин, Колорадо. Не е првиот играч на бејзбол во неговото семејство. Љубовта кон овој спорт, кој не е типичен за нашите простори, ја наследил од својот прадедо Томе Кузманов. Токму Томе Кузманов е „виновникот“ за американското државјанство на еден од најдобрите промотори на Македонија во САД. Кузманов, кој бил роден во Македонија, се отселил преку океанот. Својот американски живот го почнал во Бенсенвил, Илиноис, а работел како судија за бејзбол. Важи за еден од легендарните судии за бејзбол во 20-тите години од минатиот век во околината на Чикаго. И таткото на Кевин, Марк, се занимавал со спорт. Постигнал значителни резултати како играч на Чикаго беарс, тим од НФЛ (американски фудбал).

Од хоби до професија
Бејзболот станува хоби на Кевин Кузманов во средношколските денови. На 21-годишна возраст се запишува на Универзитетот во Арканзас, каде што почнал да тренира за универзитетскиот тим. Не било потребно многу време за да се издвои како исклучително талентиран десен фрлач. Следната сезона преминува во универзитетскиот тим на Невада.
По едногодишно учество на универзитетските турнири, неговото хоби станува негова професија. Од 2003 година почнува да го носи дресот на Кливленд Индијанс. Неговата цена брзо расте. По тригодишна игра за неговиот професионален тим, го менува клубот и го облекува дресот на Сан Диего падрес. Овој тим никогаш не зажалил што одвоил пари за него. Постигнува фасцинантни резултати, кои му помагаат добро да се „продаде“ во 2010 година, кога на 16 јануари потпишува договор со Оукланд атлетикс, каде што веќе ги постигнува своите трофејни резултати.
Соработката со овој тим трае само 18 месеци. Веќе во август 2011 година станува дел од Колорадо рокис. Тие го земаат како играч, кој подоцна може да биде продаден. По сезонатa, тој беше отпишан од списокот од 40 луѓе и на 6 октомври избра слободно застапување. Неколку месеци подоцна, во јануари годинава, станува член на Канзас сити ројалс. Кевин потпишува договор за малата лига. Постои голема шанса да влезе во тимот за големата лига, што значи заработка од еден милион долари, со можност за дополнителни 300.000 долари, во зависност од неговата игра.
Но, добрата игра не беше дел од неговата кариера годинава. Ја пропушти кралската игра поради слабиот ефект. Но, американските медиуми коментираа дека со 31 година тој има можност за поголем напредок.

Гранслем-хоумран (Grand slam home run)
Македонската машина е еден од четворицата професионални играчи што успеале да направат гранслем-хоумран при првото топче упатено кон нив во сезоната. Тоа прво му успеало на Бил Даглби во 1898 година. Потоа е Џереми Хермида во 2005 година, а една година подоцна тоа му успева и на Кузманов и тоа како прв со таков ефект по првото фаќање на палката и со првото топче упатено кон него. По него, во 2010 година тоа му успева и на играчот Даниел Нава.
Плата од 4.750.000 американски долари
Играјќи за Оукланд атлетика, минатата година Кузманов заработил 4.750.000 американски долари . Од 28 играчи во Оукланд атлетика тој е на шестото место по висина на своите примања. За плати за сите играчи тимот одвои 66.536.500 долари, а платата на Македонската машина е 7,1 проценти од целата сума. Просечните примања во тимот се меѓу 1.400.000 долари и 2.400.000 долари. Минатата година во овој американски спорт имало 46 играчи на третата база, а просечната заработка на играчите од оваа позиција изнесува 4.309.857 долари. Со своите примања Американецот со македонско потекло се наоѓа на 15. место од 46 играчи.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонец подготвувал терористички напад во името на Исламската држава во Италија
-
Македонец од Виена и Србин од Марвинци шверцувале антички монети и артефакти со непроценлива вредност
-
Камионот цел ден го ваделе од насипот, штета над 200 илјади евра: Фотографии од сообраќајката во која Македонец излета од пат во Германија
-
Македонец избоден до смрт пред ресторан во Мелбурн


