| четврток, 6 декември 2018 |

Николина Андова е првата Македонка што ја доби наградата „Мостови на Струга“

Младата македонска поетеса Николина Андова е добитничка на годинашната награда „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска поетска книга во светот, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата (СВП) и УНЕСКО.

 Андова наградата ја добива за дебитантската книга „Влезот е од другата страна“, а Одлуката на УО на СВП  за доделување едногласно е донесена на состанокот на 15 јули годинава во Струга.

– Таа го актуелизира поетскиот субјект, го открива неговиот темперамент и сензибилитет, доведувајќи го поетскиот јазик во полна кондиција на нови откривања, значења и вредности. Во оваа книга ќе наидеме на многу интересни одговори, актуелни кои се однесуваат на сите нас, но љубопитниот читател во предвид треба да ги има сите лексички слоеви, преливи и нијанси, кои прецизно компонирани, тематски и поетички ја градат оваа целина со која Николина Андова влегува во сериозните кругови на македонската поезија, рече Ѓорго Димоски.

Добитничката Андова рече дека и е мило што е првиот поет од Македонија што ја добива наградата.

– Многу ми значи наградата зашто е за мојата прва книжевна објава која излезе пред само неколку месеци. Предходно ја немам многу експонирано мојата поезија и се надевам дека сега ќе стигне до поголема публика. Верувам дека пишуваме поради радоста на создавањето, но пред се поради радоста на споделувањето, рече Андова.

Директорот на СВП Мите Стефоски посочи дека од денеска е достапна и новата веб-страница на фестивалот www.svp.org.mk  на која може да се најдат сите податоци поврзани со фестивалот и со светската поезија, зошто, како што рече, се она што било значајно во светската поезија во втората половина на 20.век и на почетокот на 21. век на некој начин било претставено на СВП.

Годинашното издание на СВП ќе почна на 22 август, а до 10 август ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува за најдобра поетска книга напишана на македонски јазик. Досега е потврдено учеството на 50-тина еминентни поети од странство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top