| четврток, 6 декември 2018 |

„Кавкаски круг со креда“ на Славенски вечерва премиерно на „Охридско лето“

Премиерата  „Кавкаски круг со креда“ од Бертолт Брехт во режија на Златко Славенски утревечер  во Предворјето на Св.Софија со почеток во 21 часот во рамките на драмскиот дел од Охридско лето, ќе понуди специфична класика со оргинална музика, комбинација на различни генерации на актери, од пензионирани актери до деца кои допрва ќе бидат дел од театарската сцена. Според селекторот Ѓорѓи Јолевски оваа претстава содржи голема возбуда.

 -Прекрасниот простор на Предворјето на Света Софија во Охрид како сцена доби потполно нова димензија со премиерните изведби. Во овој момент тоа е претворено во илузија, преку третата премиера на годинешното „Охридско лето“, режисерското дело на Славенски, на текст на Брехт, рече селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски.

 Режисерот Славенски рече дека претставата е слика на животот кој се живее денес, слика на животот кој се живеел во минатото.

 – Се обидовме да направиме претстава што ќе ја гледа публиката, со идеја да се даде свое толкување, копнеж да се дешифрира животот во одредена форма, одреден јазик. Во тој процес сметам дека се создаде една атмосфера на надградба, надоврзување за која сметам дека дава квалитет повеќе на претставата, рече Славенски.

Откривајќи за приказната која зборува за едно мало дете, режисерот истакна дека  оваа претстава кај гледачот ќе побуди грст емоции, но исто така и безбројни дилеми, за тоа – што всушност значи да бидеш мајка? Дали е тоа нешто што е наследно или е тоа чудна и чудесна појава која не трпи генетски ограничувања? За темата што ја третира делото на Брехт, Славенски оцени дека интенција на целата екипа било да се пренесе еден зрак надеж, светлина во животот и тоа преку дејствието во текстот каде авторот ја нагласува примарната емоција, потребата да се заштити нејакото, нежното и убавото .

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top